ХРВАТСКА

Поранешниот хрватски премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, вчера е прогласен за виновен и осуден на осум години затвор за аферата „Фими медиа“, односно за извлекување пари од маркетинг-агенцијата. Владејачката Хрватска демократска унија е казнета со 3,5 милиони куни (околу 460.000 евра) од страна на Жупанискиот суд во Загреб, а ќе им бидат одземени вкупно 14,5 милиони куни (1,9 милион евра).
Во пресудата се наведува дека Санадер, во својство на поранешен премиер и претседател на ХДЗ, со неговите соработници Младен Баришиќ и Бранка Павошевиќ, организирал група луѓе да извршат злосторства.
Наведено е дека во периодот од 2005 до 2009 година, Санадер за да добие материјална корист ѝ наредил на Павошевиќ во деловните книги да не ги бележи парите што му се предадени на Баришиќ. Баришиќ е осуден на две години и 10 месеци затвор, а Павошевиќ на вкупно една година и четири месеци затвор.
Дел од парите на ХДЗ се веќе блокирани и станува збор за два милиони куни (265.000 евра) и 300.000 евра, кои ќе бидат префрлени во државниот буџет по правосилноста на пресудата.