Министерките за образование и наука и за одбрана, Мила Царовска и Радмила Шекеринска, се сретнаа со учениците што постигнаа големи успеси на двете врвни интернационални олимпијади по информатика во Грузија и во Сингапур и поразговараа за предизвиците што ги имаат во наставата, како и за начинот на кој се подготвуваат за натпреварувањата.
На Интернационалната олимпијада по информатика во Сингапур учествуваа Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шекеров и Тео Китановски, а тимот што учествуваше на Европската јуниорска олимпијaда по информатика во Грузија го сочинуваа Сара Стефановска, Атина Рувинова, Јан Стојановски и Иван Јованоски.
Министерката Царовска рече дека промовирањето на постигнувањата на учениците е поттик младите да се натпреваруваат со врсниците од светот и да постигнуваат што подобри резултати.
– Секој медал доаѓа како резултат на многу учење, посветеност и желба постојано да се открива нешто ново во областа во која истражувате. Информатиката е испреплетена во сите сфери на современиот живот и затоа вашите резултати се уште позначајни. Продолжете истрајно да учите и да бидете наша гордост, а ние како Министерство за образование и наука и како Влада ќе бидеме ваша поддршка и ќе го поттикнуваме зголемувањето на интересот за стекнување повисоки знаења – укажа Царовска.
Охрабрувајќи ги сите ученици да вложуваат во себе и во своето знаење, министерката за одбрана Шекеринска изјави дека од почетокот на 2021 година Министерство за одбрана ќе почне со стипендирање млади што студираат и се образоваат за т.н. критични специјалности за Армијата.
– Тоа се области што им се потребни на Армијата и на нашата одбрана, а ги немаме доволно. Такви се областите информатика, електротехника, сајбер-одбрана, области во кои ни треба специјализирано знаење, но ќе ни треба и дополнителна наобразба. Стипендијата ќе ги опфати сите години на факултетот, со единствен услов кандидатите да преземат обврска по дипломирањето да работат во полза на нашата одбрана и нашата Армија – рече министерката Шекеринска.