Ниеден развој на настаните по Втората светска војна не остави такво длабоко влијание врз светот како ковид-19. Пандемијата предизвика јавно-здравствена и економска криза во размери невидени со генерации и ги влоши системските проблеми, како што се нееднаквоста и позицијата на големите сили. Единствениот прифатлив одговор на таквата криза е да се спроведе „големо ресетирање“ на нашите економии, политика и општества. Навистина, ова е момент да се проценат светите вредности на претпандемискиот систем, но и да се одбранат одредени долгогодишни вредности. Задачата со која се соочуваме е да ги зачуваме достигнувањата во изминатите 75 години во поодржлива форма.
Во периодот по Втората светска војна, светот направи невидени чекори кон искоренување на сиромаштијата, намалување на смртноста кај децата, зголемувањето на животниот век и ширењето на писменоста. Денес, меѓународната соработка и трговија, кои го поттикнаа повоеното подобрување на овие и многу други мерки за напредок на човекот, мора да се одржат и да се бранат од новиот бран скептицизам.
Во исто време, светот исто така мора да остане фокусиран на важното прашање од претпандемиската ера, а тоа се „четвртата индустриска револуција“ и дигитализацијата на безброј економски активности.
Неодамнешните технолошки достигнувања ни ги дадоа потребните алатки за да ѝ се спротивставиме на сегашната криза, вклучувајќи и преку брзиот развој на вакцини, новите третмани и опрема за лична заштита. Ние треба да продолжиме да инвестираме во истражувањето и развојот, образованието и иновациите, а истовремено да се заштитиме од оние што би ја злоупотребиле технологијата.
На другите застарени принципи од светскиот економски систем ќе треба повторно да им се даде нов поглед. Тука главно место зазема неолибералната идеологија. Фундаментализмот на слободниот пазар ги уништи работничките права и економската безбедност, предизвика дерегулаторна трка до дното, разорна даночна конкуренција и овозможи појава на нови масовни светски монополи.
Правилата за трговија, оданочување и конкуренција што рефлектираат децениско неолиберално влијание, сега ќе треба да се ревидираат. Во спротивно, идеолошкото нишало, кое веќе е во движење, може да се врати назад кон целосен протекционизам и други економски стратегии на загуби кај сите засегнати страни. Исто така, ќе треба да ја преиспитаме нашата колективна посветеност на досегашниот „капитализам“. Очигледно не треба да ги отфрлиме основните мотори за раст. Најголемиот дел од општествениот напредок од минатото го должиме на претприемаштво и на капацитетот да создадеме богатство со преземање ризици и следење нови иновативни модели на деловна активност. Потребни ни се пазари за ефикасно да ги распределиме ресурсите и производството на добра и услуги, особено кога станува збор за соочување со проблеми како климатските промени.
Ние мора да ја преиспитаме дефиницијата на „капитал“, без разлика дали станува збор за финансиски, еколошки, социјални или човечки контекст. Денешните потрошувачи не сакаат повеќе и подобри добра и услуги за разумна цена. Наместо тоа, тие очекуваат компаниите да придонесат кон социјалната благосостојба и општото добро. Постои и фундаментална потреба и сè пошироко распространето барање за нов вид „капитализам“.
За да го преиспитаме капитализмот, мора да ја преиспитаме и улогата на корпорациите. Покрај тоа, кризата со ковид-19 покажа дека компаниите што инвестирале во зајакнување на нивната долгорочна виталност биле подобро подготвени за да ја надминат кризата. Всушност, пандемијата го забрза пренасочувањето кон моделот на акционери во корпоративниот капитализам, откако американската бизнис-сфера го прифати концептот минатата година. Но ако сакаме да се зачуваат општествено и еколошко свесните деловни практики, на компаниите им се потребни појасни упатства. За да се задоволи таа потреба, Меѓународниот деловен совет на Светскиот економски форум разви сет „Капиталистички метрики за акционерите“, со намера бизнисите да бидат согласни кога станува збор за оценувањето на вредностите и на ризиците.
Ако кризата со ковид-19 ни покажа нешто, тоа е дека владите, деловните субјекти или групите на граѓанското општество што дејствуваат сами не можат да одговорат на системските светски предизвици. Треба да ги разбиеме бариерите што ги одвојуваат овие домени и да започнеме да градиме институционални платформи за јавно-приватна соработка. Еднакво е важно тоа што и помладите генерации мора да бидат вклучени во овој процес, бидејќи тој по природа е предвиден за долгорочна иднина.
На крајот, ние мора да ги прошириме нашите напори да ја препознаеме различноста на потеклото, мислењата и вредностите меѓу граѓаните на сите нивоа.
Секој има свој индивидуален идентитет, но сите припаѓаме на локални, професионални, национални, па дури и светски заедници со заеднички интереси и испреплетени судбини.
Големото „ресетирање“ треба да се обиде да им даде глас на оние што заостануваа, така што секој што е подготвен да учествува во креирањето на иднината може да го стори тоа. Ресетирањето што ни е потребно не е револуција или промена кон некоја нова идеологија. Напротив, на него треба да се гледа како на прагматичен чекор кон поотпорен, покохезивен и одржлив свет. Некои од столбовите на глобалниот систем ќе треба да се заменат, а други да се санираат или зајакнат. Не треба ништо повеќе или помалку за да се постигнат заеднички напредок, просперитет и здравје.
Авторот е основач и извршен претседавач на Светскиот економски форум.