Белгија ја совлада Англија во „малото финале“ на СП 2018 во Санкт Петербург, со 2-0, и го освои својот прв медал на мундијалите, бронзен (беше четврта на СП 1986)

Белгија беше подобра од Англија во мечот за третото место на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, победувајќи ја со 2-0 (стрелци Муние во 4. минута и Азар во 82-та), на мечот што се одигра во Санк Петербург во саботата. За Белгијците ова е најдобар пласман на едно СП, по четвртото место во Мексико во 1986 година, на генерацијата предводена од Енцо Шифо.
На Англичаните, кои го одиграа 100-от меч на големите турнири (69 на СП и 31 на ЕП), постигнувајќи вкупно 39 победи, 32 порази и 29 ремија, за утеха и за спомнување им останува шампионската титула од 1966 година (беа четврти и на СП 1990).
Белгија беше одлична на ова СП, во групната фаза забележа три победи (над Панама, Тунис и над Англија), а во осминафиналето и во четврт- финалето ги елиминира Јапонија и Бразил, за во полуфиналето да загуби од Франција. Тие го имаа Еден Азар во нападот, еден од најдобрите на СП 2018, кој беше инволвиран при постигнувањето седум гола за Белгија во Русија (три гола и четири асистенции).

Белгија е 20-та репрезентација што освојува медал на светските првенства, а 14-та што во својата колекција има бронза. Меѓу „бронзените“ води Германија, со четири трети места, а потоа следуваат Полска, Франција, Шведска и Бразил со по две и Холандија, Турција, Хрватска, Италија, Португалија, Чиле, Австрија, Југославија и Белгија со по едно трето место на мундијалите.
За Англија, се чини, четвртата позиција е полн погодок, со оглед на квалитетот, индивидуален и тимски, што го има овој тим. Во групната фаза тие постигнаа две победи (над Панама и над Тунис) и претрпеа пораз од Белгија, со што си обезбедија објективно полесни ривали во нокаут-фазата. Таму ги победија Колумбија и Шведска, а во полуфиналето потклекнаа во пресметката со Хрватска. 


Кејн – втор Англичанец со „златна копачка“?

Хари Кејн, првиот стрелец во англиската фудбалска селекција и најверојатно на Светското првенство (СП) во Русија со шест гола, и добитникот на „златната копачка“ , последниот шести гол го постигна против Колумбија (од пенал) во осминафиналето. Потоа на натпреварите против Шведска, Хрватска и против Белгија го „снема“, не постигна ниту еден гол и можеби тоа е една од причините за полошите игри и трите порази на последните пет меча за Англичаните. Ако останал на врвот на листата на стрелците, Кејн ќе биде вториот англиски фудбалер, по Гари Линекер во 1986 година (и тој со шест гола), освојувач на признанието за најдобар стрелец на СП.
– Бевме во добра група, успеав да постигнам доста голови. Разочаран сум што на последните неколку меча не успеав да постигнам ниту еден гол, но понекогаш се случува некои работи да одат во ваша полза, понекогаш не. Но, во секој случај, многу сум горд на „златната копачка“ – изјави Кејн по мечот со Белгија. Л.Д.