Ждрепката на двојките за второто квалификациско коло треба да биде влечена утре, а можни противници се Хостелбро, Азоти Пулави, Кристијанстад, Ѓенѓеш, Фиверс, Луцерн, Тримо, Турда, Скјерн, Нексе, ГОГ, Бенидорм, Тулуз, Монпелје, Берлин, Левен, Балатон, Спортинг… Победниците од 2. коло ќе се пласираат во групната фаза на натпреварувањето
Не сме задоволни со конечниот резултат на натпреварот, но најважно е тоа што продолжуваме во второто квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа. Имавме контрола над играта, имавме и предност од два гола, кои наместо да ги зголемиме, во последните десет минути дозволивме на наши грешки противникот да се радува на победа, вели десното крило на Металург Златко Хорват, откако ракометарите на Металург не забележаа победа во реванш-дуелот со Спачва во Винковци (Хрватска) во првото квалификациско коло за пласман во новоформираната Лига на Европа.
Спачва победи со 29-25, но предноста од седум гола што ја имаше Металург од првиот меч (35-28) беше доволна за избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ да се пласираат во второто квалификациско коло.
– Предноста од седум гола најверојатно имаше влијание врз пристапот и на нашата игра. Бевме малку поопуштени за разлика од првиот натпревар, а тука беше и публиката, која им даваше ветар во грбот на домаќините, кои одиграа доста помотивирано и поборбено за разлика од првиот натпревар – вели централниот бек Марко Тарабокија.
Најефикасни во реваншот со Спачва беа Марјан Мариќ и Бранко Канкараш со по пет гола, четири пати реализира Хорват, а трипати Тарабокија.
Во второто коло досега пласман обезбедија Металург, Хостелбро, Азоти Пулави, Кристијанстад, Ѓенѓеш, Фиверс, Луцерн, Тримо, Турда и Скјерн, а другите пет патници во 2. коло ќе бидат познати по синоќешните реванш-дуели од 1. коло.
Европската сезона од второто квалификациско коло ќе ја почнат Нексе, ГОГ, Бенидорм, Тулуз, Монпелје, Берлин, Левен, Балатон и Спортинг. Ждрепката на двојките за второто квалификациско коло треба да биде влечена утре. Победниците од 2. коло ќе се пласираат во групната фаза на натпреварувањето.