Актуелните освојувачи на сребро и на бронза од Светското првенство во 2019 година четврти пат на претходните шест големи настани се извлечени во иста група. Тие ја сочинуваат најсилната група на СП 2021, во која се уште и Австрија и победникот од квалификациите во Северна Америка. Според новиот систем на натпревари, во следната фаза ќе се пласираат по двете најдобри репрезентации од секоја од осумте групи

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2021 ГОДИНА

Ракометните селекции на Норвешка (актуелен светски вицешампион) и на Франција (бронза од Светското првенство во 2019 година) повторно се најдоа во иста група на големо натпреварување, по ждрепката на групите за Светското првенство (СП) во Египет во јануари в година.
Тие две селекции беа во иста група и на Европското првенство годинава (Норвешка прва во групата, Франција трета) и на континенталниот собир во 2016 година (Франција прва, Норвешка втора), а тие репрезентации меѓу себе играа и на СП 2017 во втората групна фаза (Франција прва, Норвешка втора во групата).
Селекцијата на домаќинот Египет, кој од клупата ќе биде предводен од селекторот Роберто Гарсија Парондо, ја избра групата Г, во која противници ќе им бидат репрезентациите на Чешка, Шведска и уште неодредениот претставник од Јужна Америка. Хрватска се најде во една од полесните групи, каде што се и Катар, Ангола и Јапонија, а интересно ќе биде во групата Х, во која ќе играат Словенија, Русија, Белорусија и Јужна Кореја.

Светската ракометна федерација (ИХФ) го продолжи рокот за одигрување на квалификациските турнири во Северна Америка, како и во Јужна Америка, и тие би требало да се одржат кон крајот на октомври или во почетокот на ноември годинава, во спротивно ќе бидат доделени уште две т.н. вајлд-карти.
Селекцијата на Македонија на „зелена маса“ беше елиминирана од квалификациите за СП во Египет. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) аплицираше за една од двете вајлд-карти што следуваа за две европски селекции, кои ИХФ им ги додели на Полска (следен домаќин на СП, во 2023 година) и на Русија.

Ако не се одржи северноамериканскиот турнир и Македонија ја добие таа вајлд-карта, тогаш би се нашла во групата со Франција, Австрија и со Норвешка, а ако, пак, се случи откажување на јужноамериканските квалификации, селекцијата што ќе ја добие таа вајлд-карта ќе игра во групата Г, заедно со Шведска, Чешка и Египет. 


ГРУПА А: Германија, Унгарија, Уругвај, Зеленортски Острови
ГРУПА Б: Шпанија, Тунис, Бразил, Полска
ГРУПА Ц: Хрватска, Катар, Јапонија, Ангола
ГРУПА Д: Данска, Аргентина, Бахреин, Конго
ГРУПА Е: Норвешка, Австрија, Франција, селекција од С. Америка
ГРУПА Ф: Португалија, Алжир, Исланд, Мароко
ГРУПА Г: Шведска, Египет , Чешка, селекција од Ј. Америка
ГРУПА Х: Словенија, Белорусија, Ј. Кореја, Русија