Граѓаните повеќе немаат оправдување за загадување на животната средина / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Веќе трет месец јавното скопско претпријатие ЈП „Комунална хигиена“ нуди услуга за подигање на кабастиот отпад директно од домовите на граѓаните. Иако во првиот месец ималe само десет јавувања од страна на граѓаните на Скопје за користење на оваа услуга, надлежните велат дека во јули и август, кои се и месеци на реновирањe во становите и куќите, граѓаните сѐ почесто се јавуваат и најавуваат потреби од оваа услуга. Сепак, надлежните истакнуваат дека е потребно информацијата за новата услуга што побргу да дојде до граѓаните и во што поширок обем. Секако, и јавните гласила да бидат вклучени бидејќи, сепак тоа е од јавен интерес

Нова услуга од ЈП „Комунална хигиена“

Граѓаните повеќе немаат оправдување за загадување на животната средина фрлајќи го кабастиот отпад од своите домови каде ќе стигнат. Сведоци сме на голем број грди слики низ градот, каде што несовесните граѓани го исфрлиле својот стар кревет, душек, плакар во непосредна близина на контејнерите или, пак, на првото слободно зеленило што го нашле. Оправдувањата дека немале каде да го исфрлат отпадот повеќе не треба да се случај, затоа што јавното претпријатие „Комунална хигиена-Скопје“ од први јуни годинава нуди услуга за подигање на кабастиот отпад директно од домовите на граѓаните. Па, така, старите фрижидери, телевизори, кревети и други потрошени делови од домаќинствата, за одреден износ ќе биде транспортиран од страна на вработените во комуналното претпријатие.
Во борбата со отпадот претпријатието секоја година организира по неколку акции за собирање на кабастиот отпад, меѓутоа се одлучи и за ваква опција, за која се надева дека значително ќе го намали непотребното расфрлање елементи од покуќнина низ метрополата. Секој што има стар мебел за фрлање, може да се јави на телефонскиот број 0800 222 33 и да побара масивните отпадоци да бидат подигнати од неговиот дом, независно дали станува збор за куќа или за стан во станбена зграда.
Услугата е достапна по пристапни цени, а на граѓаните на располагање им се центрите за селекција на отпад во Карпош и Вардариште, од седум до 19 часот. Граѓаните можат и сами да го транспортираат отпадот дотаму, и тоа целосно бесплатно.

Новата услуга на комуналното претпријатие интересна за граѓаните

Од „Комунана хигиена“ велат дека од првиот ден од воведувањето на новата услуга граѓаните почнале да се јавуваат и да ја бараат оваа услуга. Сепак, како што информираат од претпријатието, некои од граѓаните несовесно сѐ уште го фрлаат кабастиот отпад каде што ќе стигнат.
– Откако ја воведовме услугата за подигање кабаст отпад од дома, постојано имаме јавувања од граѓаните, по чие барање и ја воведовме оваа услуга. Само во јуни имало десет барања. Многу им е полесно сега и на оние што живеат сами или на повозрасните и немоќни лица, кои не се во состојба сами да го исфрлат непотребното од дома. Граѓаните се задоволни што веќе ја имаат и оваа услуга, но ние не сме задоволни од состојбите на терен, бидејќи многу кабаст отпад се остава на јавните површини. Инспекторите мора да се повеќе на терен, да казнуваат, а еколошките патроли да опоменуваат за да се ослободиме од сликите со кабаст отпад фрлен на различни локации во градот. Тоа е недозволиво и казниво, бидејќи се прекршува Законот за јавна чистота – велат од комуналното претпријатие.

Оставањето кабаст отпад на јавни површини се санкционира

Законот за јавна чистота на Република Македонија забранува кабастиот отпад и градежниот шут да се одлагаат во садовите за отпад од домаќинствата, како и на јавните површини. За секое прекршување на овој закон се предвидени санкции што ги спроведуваат инспекциските служби на Градот Скопје и на општините.
Но не само поради казните, граѓаните треба да бидат совесни и да не го загадуваат градот фрлајќи кабаст отпад каде што ќе стигнат, затоа што претпријатието ги нуди сите опции, а на граѓаните им останува само да се одлучат за онаа што најмногу им одговара.
– Градот Скопје во континуитет работи на чистење на постојните диви депонии, како и на спречување на создавање нови, а тоа го правиме преку константни контроли и патроли на нашите инспектори и комунални редари, припадници на Министерството за внатрешни работи и општински инспектори.

Последен целосен извештај е оној на работата на Инспекторатот на Град Скопје за 2019 година, каде што нашите комунални инспектори во континуитет беа на терен и ги спроведуваа одредбите во согласност со Законот за јавната чистота, Законот за комунални дејности и Законот за инспекциски надзор. Во текот на 2019 година комуналните инспектори имаат направено 988 записници за прекршителите на одредбите на овие закони (ова е целосен преглед, не е само конкретно за кабаст отпад), додека комуналните редари на Град Скопје имаат направено 1.602 записници, или тоа се вкупно 2.590 записници – информираат од Градот. 


Колку чини подигнувањетона отпадот од дома

Ценовник на ЈП „Комунална хигиена“ за третман на кабастиот отпад:

  •  Изнесување кабаст отпад од дома од страна на двајца работници на претпријатието и носење со службено возило на ЈП „Комунална хигиена“ до предвидената локација изнесува 2.800 денари.
  • Подигање кабаст отпад, изнесен од страна на граѓаните пред нивниот дом, но натоварен и однесен од страна на двајца работници со службено возило на претпријатието изнесува 2.000 денари.
  • Преземање кабаст отпад од страна на комуналното претпријатие, кој граѓаните сами ќе го изнесат, но и натоварат во службеното возило на претпријатието во договореното време изнесува 1.600 денари.
  • Ако граѓаните самостојно го транспортираат кабастиот отпад до центрите за селекција на отпад, тогаш преземањето на кабастиот отпад и неговото одложување се бесплатни.