Политичките лидери на Нов Зеланд ветија дека државата ќе се промени откако Брентон Тарант го изврши терористичкиот напад во кој на 15 март минатата година беше убиено 51 лице, пренесува Си-ен-ен.
Премиерката Џасинда Ардерн најави промени на законите за оружје по само 24 часа од смртоносниот напад. По четири недели реформите на законите за оружје беа усвоени едногласно во парламентот. А два месеца подоцна, Ардерн покрена глобална кампања за спречување на ширењето на тероризмот на социјалните мрежи. Брзиот одговор доби пофалби од експертите и од исламската заедница додека Нов Зеланд закрепнуваше од трагедијата.
Денеска, извршителот на нападот Брентон Тарант се појави пред судот, каде што е обвинет за убиство на 51 лице и обид за убиство на уште 40 лица, со што се очекува да добие доживотна затворска казна.
Тој пред судот кажа дека почнал да го планира нападот уште во 2017 година и дека имал намера да „убие колку што е можно повеќе луѓе. Имал намера да ги спали џамиите до темел, а бил на пат кон трет верски објект кога полицијата го уапсила, по пукањето во две џамии, според обвинителството.
Пресудата би можела да им донесе одредена утеха на семејствата на жртвите, но официјалната истрага за нападите останува неспроведена по 18 месеци, додека се потенцира и постоечкиот проблем на исламофобијата за кој владата предупредуваше уште пред справувањето со масакрот.
Исламската заедница на Нов Зеланд брои околу 60 илјади луѓе што е приближно 1,3 отсто од популацијата. Пет години пред нападот, здруженијата на муслиманите одржуваа состаноци со претставници на владата предупредувајќи за насилството и навредите со кои се соочуваат, што особено се однесува на жените што носат хиџаби. Заедницата изразуваше и загриженост за исламофобијата на десничарските движења во земјата.
Дваесет и шест дена по нападот парламентот го усвои законот со кој се воведува забрана на воено и полуавтоматско оружје, воведувајќи практика за откуп на оружјето кое не е во согласност со новите прописи. Шест месеци подоцна беа откупени 56 илјади парчиња оружје.
По нападот, Нов Зеланд беше згрозен од трагедијата и тоа понуди прилика за зближување на нацијата, како и шанса за исламската заедница да зборува јавно за расизмот со кој се соочува.
Но и покрај обидите за решавање на проблемите муслиманите во Нов Зеланд уште не се чувствуваат безбедни.
– Се јавува тенденција за окарактеризирање на нападот во Крајстчрч како изолиран инцидент. Мислам дека уште има пропушти во функционирањето на системот – смета професорот Пол Спуни, додавајќи дека е важно политичарите да ја шират пораката на толеранција и меѓусебна љубезност.
Алија Данзејсен која предводи невладина организација на жените од исламска вероисповед во Нов Зеланд вели дека државните агенции го чекаат завршниот извештај за нападот чие објавување е предвидено за ноември, пред да почнат со спроведување на дополнителни промени.
– Омразата е вирус и треба да биде третирана на истиот начин како и ковид-19. Агресивно и со цврст пристап за да се осигуриме дека нема да шири хаос и смрт – категорична е Данзејсен.