Андерс Тегнел го поставил прашањето дали би била прифатлива високата смртност кај постарите лица

Гардијан

Шведскиот неригорозен пристап кон ковид-19 се најде на нов удар на критики откако електронски пораки покажаа како главниот епидемиолог во државата прашува дали повисока стапка на смртност кај постарите лица би била прифатлива ако побрзо доведе до создавање на колективен имунитет. Шпекулации за ставовите на шведските здравствени власти беа дополнително подгреани откако се испостави дека Андерс Тегнел, креаторот на државната стратегија без воведување на карантин, избришал неколку електронски пораки. Тегнел постојано инсистираше дека целта на владата не била брзо да се постигне колективен имунитет, туку да се забави ширењето на коронавирусот доволно за здравствените работници да можат да си ја вршат работата.

Сепак, размената на електронските пораки до кои дојдоа шведските новинари во согласност со законот за слобода на информации покажуваат дека Тегнел размислувал за колективен имунитет како цел уште во средината на март, само неколку дена откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на ковид-19. Во една таква размена, Тегнел им препратил на неговиот фински колега Мика Салминен и шефот на шведската државна здравствена агенција ФХМ електронска порака од пензиониран доктор, кој предложил за спречување на епидемијата да им се дозволи на здравите лица доброволно да се заразат во контролирана средина.

Тегнел коментирал дека „една цел би била училиштата да бидат отворени за да се постигне побрзо колективен имунитет“. Салминен на тоа одговорил дека финската здравствена агенција размислувала за ова, но ја отфрлила идејата бидејќи „и во иднина, децата се оние кои ќе ја шират заразата“ кон сите старосни групи. Финскиот модел покажа дека затворањето на училиштата го намалува ширењето на ковид-19 меѓу постарите лица за околу 10 отсто, како што наведе Салминен во електронската порака, на што Тегнел го поставил прашањето „дали тие 10 отсто вредат?“

Тегнел, кој постојано тврдеше дека децата генерално развиваат благи симптоми на вирусот и не го шират во голема мера, негираше дека властите решиле да ги отворат повеќето училишта во обидот да се стекне колективен имунитет.

– Мојот коментар беше за можното влијание, а не за очекуваното, кое беше дел од процените за соодветност на мерката. Никогаш не беше релевантно училиштата да бидат отворени за да се стекне колективен имунитет – изјави тој пред новинарот Емануел Карлстен, кој дојде до електронските пораки.

Шведска последователно ги затвори средните училишта и универзитетите, но останаа отворени основните за помладите ученици и инсистираше сите да присуствуваат на часовите. Семејствата, меѓу кои и оние од поризичните категории, беа пријавувани во социјалната служба и се соочуваа со казни затоа што не ги пуштале децата на училиште. Шведска исто така забрани собири за повеќе од 50 лица, но апелираше, наместо да нареди, да се почитува физичката дистанца и да се работи од дома секаде каде што условите дозволуваат. Продавниците, баровите, рестораните и вежбалниците и натаму се отворени.

Во други електронски пораки, главниот епидемиолог побарал од Јохан Гисеке, еден од неговите претходници и сега ангажиран консултант во шведската државна здравствена агенција, да даде прогноза што би се случило ако се дозволи вирусот слободно да се шири меѓу населението, а Гисеке предложил средните училишта да се отворат по Велигден.

Инаку, дневниот весник „Афтонбладет“ вели дека Тегнел веројатно одеднаш избришал неколку електронски пораки, од над 200 добиени од јануари до април. Меѓу нив имало делови од разговори со владини претставници, здравствени експерти и Гисеке, Не е јасно кога биле избришани електронските пораки.

На прашањето зошто ова се случило, државната здравствена агенција одговори дека не сите електронски пораки биле чувани од властите и некои „можеби недостигаат затоа што биле избришани од страна на еден вработен“. Тегнел изјавил за весникот дека електронските пораки биле веројатно „делови од работни дискусии со различни групи“ за кои немало потреба да се чуваат.

– Бришам многу електронски пораки кои не ги сметам за важни и дека треба да бидат зачувани – истакна тој и додаде дека за сите други прашања да се обратат кај правната служба на агенцијата.

Иако негираше дека колективниот имунитет бил стратегиска цел, Тегнел постојано тврдеше дека строгите рестриктивни мерки во другите држави се неодржливи и дека шведскиот пристап кого го подржа мнозинството од населението, но го критикуваа многу експерти, ќе им овозможи да бидат подобро подготвени за вториот бран.

Бројот на регистрирани заболени и смртни случаи во Шведска постојано опаѓа од јуни. Државата регистрира 84.294 инфекции на коронавирус и 5.783 смртни случаи, чија стапка на смртност на еден милион жители е многу повисока од нејзините соседни држави, но многу пониска од онаа на некои држави кои воведоа строги карантини како Велика Британија, Шпанија и Италија.

Властите проценија дека 40 отсто од жителите на Стокхолм би се заразиле со коронавирус до мај, но државните истражувања открија дека релативно низок е имунитетот на вирусот, а една студија што беше објавена минатата недела во списанието на Кралското медицинско здружение заклучи дека „воопшто не е постигнат“ колективен имунитет.

Шведските ученици од сите возрасни групи ќе се вратат во училишните клупи во текот на неделава што го крена алармот кај некои родители и беше испратен апел до експертите и академиците за „поодговорна“ политика, вклучувајќи задолжително да биде носењето маски на училиште, нешто што Тегнел не поддржува, и воведување на правила за физичко дистанцирање.

Научните истражувања од Јужна Кореја, САД, Израел и од Шведска укажуваат дека иако научниците не знаат во целост како точно децата придонесуваат за пандемијата, јасно е дека учениците можат и го шират вирусот во општеството, како што тврдат 26 академици во едно отворено писмо.

Сесилија Содерберг-Ноклир, професорка по микробна патогенеза и една од потписниците на писмото, изјави за државната телевизија СВТ дека податоците во владиниот извештај во кој се вели дека во училиштата има мала трансмисија на вирусот, не ги оправдува тие заклучоци. Таа истакна дека „сè уште не постојат докази за ширење на вирусот во училиштата во Шведска“.

Превод: Билјана Здравковска