Фото: Игор Бансколиев

Логично би било враќањето на полицискиот час доколку здравствениот систем не може да го издржи напливот на многу пациенти. Ако почнат да се јавуваат по 6.000 до 10.000 пациенти дневно со респираторни проблеми, тогаш мора да се направи нешто, тврдат епидемиолозите

Информацијата за можно враќање на полицискиот час од есен, доколку дојде до ескалација на состојбата со епидемијата на коронавирусот во Македонија, ги освежи сеќавањата кај граѓаните за периодот кога ваквата рестриктивна мерка беше во сила. Во Македонија од почетокот на заразата имаше неколку пакет мерки за спречување на нејзиното ширење, меѓу кои и ограничување на движењето и полициски час.
– Се подготвуваме за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио. Имаме план за дополнителни рестрикции… Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик. Апсолутно може да се врати и полицискиот час – изјави неодамна министерот за здравство во заминување Венко Филипче.

Од друга страна, најавите за враќање на полицискиот час неодамна доведоа до протести во Србија и во Германија, при што демонстрантите јасно им ставија до знаење на надлежните дека повеќе не сакаат затворање дома.
Некои од граѓаните во земјава сметаат дека не треба да се враќа полицискиот час бидејќи, според нив, ништо не се постигнува со ваквата мерка.
– Мислам дека ништо нема да се постигне со повторно враќање на полицискиот час. Најпрво се ограничуваат луѓето да ги завршат секојдневните активности, а потоа сите во периодот кога нема полициски час брзаат да ги завршат работите и се формираат големи метежи со што се зголемува и можноста за ширење на заразата. Да не спомнувам каков дополнителен удар би било тоа врз економијата – вели Николче Стаменов, приватен стопанственик.
Тој уште додава дека повеќе треба да се инсистира на држењето дистанца и на употребата на маски.

Во Македонија полицискиот час првпат беше воведен на 22 март оваа година и на почетокот траеше од 21 до 6 часот наутро, но подоцна поради зголемениот број новозаразени оваа рестриктивна мерка започнуваше од 16 до 05 часот. Во два-три наврата имаше продолжен викенд со полициски час, во траење по три до четири дена.
Според она што го покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје за периодот кога беше воведен полицискиот час, но и по неговото укинување, тешко може да се одреди дали затворањето дома на граѓаните дало некаков ефект во спречувањето на ширењето на коронавирусот.
Имено, ако се следат податоците на ИЈЗ за април, месец во кој требаше да почнат да се покажуваат првите позитивни ефекти од полицискиот час во насока на спречување на ширењето на коронавирусот, може да се забележи дека бројката на новозаразени во едно деноноќие одела најмногу до 70, што во прв момент сигнализира на помал број заразени со ковид-19, но од друга страна, мал бил бројот на тестирања на дневна основа, што се движеле меѓу 200 и 700 теста.

Слична е статистиката и за мај, вториот месец во кој функционираше полицискиот час, каде што исто бројката на новозаразени на дневна основа е од 10 до 40 луѓе, а бројот на тестирања се движеше меѓу 100 и 560.
Веќе во јуни, откако беше укинат полицискиот час се забележува голем раст на бројот на новозаразени со коронавирусот на дневна основа, кој речиси редовно е троцифрен, меѓу 100 и 200 лица. Овој раст најмногу се должи делумно на олабавувањето на рестриктивните мерки, но во поголем дел на двојно зголемениот број на тестирања на дневна основа, што се движеше од 665 до речиси 1.400 тестирани луѓе.
Според оваа логика, произлегува дека полицискиот час освен ограничувањето на движењето на луѓето реално не влијаел во поголема мера на стабилизирањето на состојбата, бидејќи доколку и тогаш се правеле поголем број тестирања, резултатите на новозаразени лица повторно би биле троцифрени.

Згора на тоа, многубројни беа и прекршувањата на самиот полициски час во одредени делови на земјата, неговата политизација, така што она што сега се наметна како дилема е дали воопшто има потреба од враќањето на ваквата мерка.
Според микробиологот Никола Пановски, враќањето на полицискиот час би било неопходно само доколку во следниот период почнат да се јавуваат голем број пациенти со респираторни проблеми.
– Логично би било враќањето на полицискиот час доколку здравствениот систем не може да го издржи напливот на многу пациенти. Ако почнат да се јавуваат по 6.000 до 10.000 пациенти дневно со респираторни проблеми, тогаш мора да се направи нешто. Сметам дека ако се почитуваат мерките, без собирања, родендени и други прослави, тогаш може и подобро да поминеме – вели Пановски.

Тој додава дека следуваат исклучително тешки три-четири месеци, кога почнува сезоната на настинки и грипови, кои се со слични симптоми како ковид-19.
– Потребна е едукација на луѓето, да им се објасни дека нè очекуваат три-четири тешки месеци во кои треба сите да се однесуваме дисциплинирано и да ги почитуваме мерките. Во спротивно, можно е повторно да се врати полицискиот час особено во вечерните часови за да се избегнат групирања и собирањата, особено на младите луѓе, кои кога ќе залади ќе почнат да се собираат и по затворени простории и да го шират вирусот – смета Пановски.