Научниците од Универзитетот во Мелбурн излегоа со процена дека бурите и порастот на морското ниво ќе опустошат територија со површина колку што има цела Франција, уништувајќи притоа и една петтина од светската економија. Ова мрачно сценарио би можело да се случи во практика доколку не се запрат климатските промени со кои се соочува човештвото
Пресметани се последиците од климатските промени до 2100 година
Одамна е апсолвиран фактот дека испуштањето јаглерод диоксид и други стакленички гасови ја „заробуваат“ топлината во атмосферата на Земјата. Резултат на ова е загревање на самата атмосфера и на морињата; се топат глечерите, нивото на морињата расте, но расте и енергијата во затворениот атмосферски систем, а тоа значи дека ветровите и бурите стануваат неспоредливо посилни и понепредвидливи.
Истражување и пресметки што сликовито ја прикажуваат глобалната штета
Светот веќе се соочува со првичните негативни последици – девастирање на природата и животот, огромни материјални штети.
Научниците во Мелбурн пресметаа дека ваквото сценарио за уништување на населени области и инфраструктура, до крајот на векот би предизвикало глобална финансиска штета во висина од неверојатни 14.200 милијарди долари. Единствени услови за тоа да се случи се немањето решение за климатските промени и недостигот од методи за одбрана од морските поплави.
Истражувањето е публикувано во престижното научно списание „Нејчр“, а телевизијата Си-ен-би-си направи интервју со еден од авторите, професорот Иан Јанг.
– Светот мора да разбере дека вакви промени ни претстојат сѐ до крајот на овој век, но и дека мора да развиеме план за тоа како да одговориме на сите нив – изјави Јанг.
Североисточна Америка, Северозападна Европа, Југоисточна Азија и Северна Австралија под најголем удар
Научниците анализирале неколку најверојатни сценарија за климатски промени во однос на загадувањето на атмосферата со јаглерод диоксид, доаѓајќи до заклучок дека од поплавените подрачја, 32 отсто директно би потонале како резултат на зголемувањето на морското ниво заради топење на поларниот мраз, додека 68 отсто би настрадале како последица од драматичните плими и силното невреме.
Нивните предвидувања велат дека најголеми штети ќе претрпат североисточниот дел на САД, Северозападна Европа, Југоисточна Азија и Северна Австралија. Најтешко ќе бидат погодени земјите што имаат густа населеност во ниските крајбрежни области, исто како и островските држави. На оваа листа научниците ги сместија југоистокот на Кина, северните австралиски територии, индиски Гуџарат, Велика Британија и некои американски држави, од кои најлошо им се пишува на Северна Каролина, Вирџинија и Мериленд.
Чудно е што во извештајот не се спомнати Бангладеш, Холандија и полинезиската островска државичка Тувалу, но затоа се наведува уништување на станбени објекти и патишта, како и загадување на водата за пиење. Патем, 40 отсто од американското население живее во загрозените крајбрежни области од државата.
– Крајбрежните подрачја се особено „чувствителни“ на порастот на морското ниво и на различните климатски промени. Ова ќе бара детално и долгорочно планирање на стратегиите за приспособување, каде што главна цел ќе биде подигање на степенот на подготвеност кај населението во крајбрежните зони – вели Ебру Киреци, еден од коавторите на студијата.