Летото е карактеристично и за стомачните вируси, кои даваат симптоми на дијареја и на покачена телесна температура. Тука се и топлотните удари, поради јакото сонце, како и ризикот од труење со храна. Сите овие симптоми се појавуваат и кај болните што се заразени од ковид-19. Како да се разграничи видот на болеста и да не се крева непотребно паника

ГРАЃАНИТЕ ОПКОЛЕНИ

Летната сезона и тропските горештини што траат оваа недела, а се очекува да бидат присутни и наредната, низ годините биле причина за промена на здравјето кај граѓаните. Токму изложеноста на клима-уреди во затворени простории и драстичната промена на температурата кога ќе се излезе надвор, кај многумина предизвикуваат настинка, со течење на носот или со болка во грлото. Летото е карактеристично и за стомачните вируси, кои даваат симптоми на дијареја и на покачена телесна температура.

Тука се и топлотните удари, поради седење на јако сонце, како и труењето со храна. Сите овие симптоми се појавуваат и кај болните што се заразени од ковид-19. Токму затоа голем дел пациенти кога ќе добијат некој од овие симптоми веднаш помислуваат дека се болни од ковид-19 и бараат од матичните лекари да се тестираат.
Дали летните вирусни промени може да предизвикаат дополнителни компликации со ковид-19?
Луѓето се во паника и при секоја промена на здравјето се сомневаат дека имаат ковид-19, па затоа најчесто сами решаваат да се тестираат на свој трошок на приватните клиники. Матичните доктори, пак, велат дека со добра анамнеза и со следење на пациентот ќе му даде соодветен третман, а ако траат симптомите веднаш ќе закаже тестирање за сомнителните пациенти.
Александра Б. вели дека два дена имала дијареја, со малку покачена температура, што создало паника кај неа и сомнеж дека е заразена од коронавирусот.

– Немав сознание дека некој во мојата околина е заразен или дека има симптоми на ковид-19. Температурата најмногу ми достигна до 37, 7 степени, а дијарејата и гадењето ми траеја два дена. Истите тие симптоми се присутни и кај некои заболени од ковид-19. Матичната ми препорача да почекам неколку дена, да земам само витамини и лесна исхрана, но мене не ме држеше место. Не го исполнував алгоритамот за да може да се закаже тестирање на државен трошок, зашто немав контакт со заболено лице, па затоа одлучив да се тестирам во приватна болница. Резултатите ги добив за два дена и беа негативни. Тоа ме смири мене, но и моите блиски – посочува скопјанката Александра Б.
Дали матичните лекари можат да разграничат дали пациентите чувствуваат симптоми на ковид-19 или на некој летен вирус? Дали ПЦР-тестот за утврдување присуство на ковид-19 е единствена сигурност?
Како се справуваат матичните лекари со овие појави и кои се нивните препораки се прашања на кои побаравме одговори од здравствените експерти.

Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични лекари, вели дека овој период најмногу време трошат на психичко смирување на пациентите, кои паничат поради одредени симптоми што многу често ги има и кај настинките и кај другите вируси, а се присутни и кај ковид-19.
– Врз основа на добра анамнеза, одлучуваме што ќе преземеме. Овој период луѓето многу често консумираат ладни течности, седат во простории под клима-уред и им се случува да добијат одреден дисбаланс. Тука сме ние да ги контролираме и да им укажеме на тоа како да се смират, зашто не смееме да дозволиме да ги обземе стравот. Се случува по пет-шест пациенти дневно да имаме со стомачни вируси и со настинки – посочува д-р Чолакова-Дервишова.

Микробиологот Никола Пановски вели дека матичните лекари се тие што треба детално да ги следат своите пациенти и при појава на некои минимални симптоми што може да укажуваат на присуство на коронавирус, но и на некои други вируси.
– Ако симптомите поминат за ден или два, тогаш се работи за стомачен вирус, можеби и за настинка, зашто симптомите за ковид-19 не поминуваат веднаш, туку може да траат и повеќе од една недела. Сепак, од она што го знам е дека матичните лекари не препорачуваат веднаш тестирање, туку да се почека некој ден, но, секако, самите граѓани одлучуваат веднаш да се тестираат по приватните болници – посочува Пановски.

[email protected]