Поради корона-кризата, приливот на средства е многу помал, во моментов едвај нешто над 30 проценти од планираното

Кичево

Нешто поради корона-кризата, нешто поради други причини, во буџетот на Општина Кичево во првите два квартала од оваа година има потфрлање од близу 70 проценти, што не е забележано во изминатите неколку години, а ова ни го потврди и одговорното лице за финансирање и буџет на општината Бурим Кадриу.
– Отсекогаш приливот на средства во буџетот на општината во првите два квартала е нешто помал, споредено со второто полугодие, кога приливот на средства е многу поголем, и тоа се повторува низ годините. Вообичаено, во првите два квартала во општинската каса се слевале 50-60 проценти од проектираниот износ, но годинава поради корона-кризата приливот на средства е многу помал и во моментов едвај сме нешто над 30 проценти од планираното. Недоволното полнење на општинската каса ќе предизвика тешкотии во тековното работење и ќе биде проблем реализацијата на некои планирани проекти, кои ќе мора да ги одложиме за некои подобри времиња, а тука пред сѐ мислам на капиталните проекти – истакна Кадриу.

Кадриу, сепак, со поголем оптимизам го очекува вториот дел од годината и се надева на продолжување на традицијата, да има многу поголем прилив на средства.
– Да очекуваме состојбите во третиот и четвртиот квартал да се подобрат, приливот на средства во општината да се нормализира и ЕЛС-Кичево да почне да функционира без тешкотии и да се надеваме дека овој период на мал прилив на средства во првото полугодие засекогаш е зад нас. Да очекуваме и еднаш да заврши пандемијата на коронавирусот, што ќе го раздвижи нашиот регион со повеќе инвестициски активности, кои ќе придонесат приливите во општинската каса да бидат многу поголеми – додава Кадриу.

Инаку, главните извори на финансирање се намалени, дозволи за градба има помалку, а и другите ставки што значајно придонесуваат за нормално полнење на општинската каса се под повеќегодишното ниво. Потфрлањето на буџетот не е случај во само Општина Кичево, туку речиси сите градови во земјава се соочуваат со слични проблеми.