Според планот, во следните две недели треба да се доигра регуларниот дел од сезоната, на 17 август треба да почне плејофот, а шампионот е предвидено да биде познат во октомври. Сите мечеви ќе се играат во Орландо, без публика. Титулата ја брани Торонто

КОШАРКА

Со мечот Јута – Њу Орлеанс утре, половина час по полноќ, по средноевропско време, продолжува сезоната во кошаркарската НБА-лига, која паузира повеќе од четири месеци поради пандемијата на коронавирусот. Лигата во Орландо покани 22 екипи во трката за место во плејофот, кој е предвидено да почне на 17 август.
Во моментов планот е да се одржи стандардниот формат на плејофот со осум екипи од секоја конференција. Секој дуел во доигрувањето ќе се игра до четири победи, а шампионот е предвидено да биде познат во октомври (финалната серија треба да почне на 30 септември).

Вкупно 12 тима веќе обезбедија место во плејофот пред паузата поради пандемијата, по шест од источната и од западната конференција. Тие во овој дел од сезоната ќе играат за подобар пласман пред плејофот, а преостанатите 10 екипи ќе се натпреваруваат за четирите слободни места во плејофот во НБА-лигата за 2020 година.
Од Источната конференција во плјеофот ќе играат Милвоки, Торонто, Бостон, Мајами, Индијана и Филаделфија, а во трка за уште две места меѓу најдобрите 16 се и Бруклин, Орландо и Вашингтон.

Од Западна конференција, пак, во доигрувањето на НБА-лигата се пласираа Лос Анџелес лејкерс, Лос Анџелес клиперс, Денвер, Јута, Оклахома и Хјустон, а за уште две места во игра се Далас, Мемфис, Портланд, Њу Орлеанс, Сакраменто, Сан Антонио и Феникс.
Титулата ја брани Торонто. Секој натпревар ќе се игра без присуство на публика. По мечот Јута – Њу Орлеанс, на програмата е и градското дерби на екипите од Лос Анџелес, Лејкерс и Клиперс (од три часот), а утревечер се и дуелите Бруклин – Орландо, Вашингтон – Феникс и Портланд – Мемфис.