Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави третиот том од досега непубликуваните басни на македонскиот писател Ристо Давчевски (1935-2009), како дел од триесетлогијата во десет тома со заеднички наслов „Беседа на фауните“. Овој том содржи три книги со близу триста негови басни за млади и за возрасни: „Лагата не умира“, „Луда басна“ и „Сто и еден пријател“.
– Од овој авторски проект на Ристо Давчевски, кој е оригинален и единствен – содржи 30 книги со 3.000 басни распоредени во 10 тома, досега беа објавени два тома (2011 и 2014 година). Десеттомната серија претставува исклучително богатство не само за македонската литература туку и за светската: досега ниеден автор на басни во светот не оставил зад себе толку обемен опус на басни (најпознатите – Лафонтен има 12 книги и Езоп 600 басни, а Ристо Давчевски за време на својот 60-годишен творечки период напишал 6.000 басни, од кои повеќето од половината не се објавени) – вели издавачот.
Проектот на Давчевски „Беседа на фауните“ е создаван дваесетина години. Давчевски со него ги надрасна сите свои учители – европските баснописци, ја осмисли обновата на долговековната езопизација, ѝ даде нов пулс, нов видик со нова димензија и во тој проект ја вткал душата на своето време со илјадници теми расфрлани низ целата планета. „Беседа на фауните“ е оригинален и по тоа што половината басни се посветени и на возрасните читатели.