Заедничката дружба на родителите и децата е особено убава, но и конструктивна за време на летните одмори, кога најмногу може да се учи за семејните вредности, за љубовта, почитта, помагањето, простувањето и за многу други позитивни особини, вели наставничката Роза Василевска

Креативен летен распуст

Во текот на актуелниот летен распуст, исполнете му го слободното време на своето дете со низа креативни активности, со што ќе му овозможите да ги вежба знаењата стекнати на училиште. Но, секако, тоа правете го на спонтан и игрив начин, со што нема да го оптоварувате, туку ќе придонесете вашиот син или ќерка да се чувствуваат задоволно и полезно.
За да ви помогнеме со интересни предлози, ги замоливме оние чија главна професионална обврска е постојана грижа за децата и за нивното образование, наставниците од ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, како и педагогот во ова училиште, да ни дадат неколку предлози за поубав и покреативен летен распуст. Еве што ни кажаа.
За Роза Василевска, одделенска наставничка во ООУ „Ј.А. Коменски“, долгото топло лето е многу добра шанса родителите и децата да бидат повеќе време заедно, со што уште повеќе ќе ја зајакнат меѓусебната емотивна врска.

– Заедничката дружба на родителите и децата е особено убава, но и конструктивна за време на летните одмори, кога најмногу може да се учи за семејните вредности, за љубовта, почитта, помагањето, простувањето и за многу други позитивни особини – вели Василевска.
Оваа наставничка, со долгогодишно искуство во едукацијата на деца во основното образование, ни посочи неколку примери како децата и нивните родители на најдобар начин да го искористат летото.

Постојан контакт со природата

– Децата треба да се во постојан контакт со природата, па токму затоа препорачувам возење велосипед на патеките во Скопје, покрај реката Вардар, а секако и на соодветни места во другите градови и населени места во земјава. Можете да отидете и пеш до Водно (или на некое друго возвишување), а доживувањето ќе биде целосно ако го земете со себе и вашето куче, доколку имате милениче. Исто така децата може да одделат време за помош на стари и снеможени лица, за згрижување улични животни, да бидат дел од еколошки и хуманитарни акции за почиста околина, што е особено важно периодов во кој живееме. Има и интересни бесплатни онлајн курсеви за развивање разни вештини. Контактите во живо, разните аматерски театарски, културно-уметнички друштва и други слични активности ќе мора да почекаат подобри времиња, но затоа читањето книги и гледањето филмови може да бидат убава занимација – сугерира Роза Василевска.

Според неа, одморот може да се искористи и заедно со вашето дете да посетите и некои културно-историски споменици во градот и околината, како и духовни светилишта.
Нејзиниот колега Велибор Бубулевски препорачува спортување и активен одмор.
– Јас, како релативно млад наставник, би ги препорачал игрите надвор, на отворено, во двор, на игралиште, плажа, планина и слично. Овој начин на забава најмногу помага децата да се дружат меѓу себе, да учат како да играат фер, без да се лутат, како да прифаќаат успех и пораз еднакво и на кој начин да се ослободуваат од насобраните стресови и да уживаат во играта – вели Бубулевски.
Биљана Стојков, наставничка во ова училиште, советува читање, и тоа не само на потребните лектири, туку и многу други интересни книги.
– Книгите го збогатуваат животот на децата, им помагаат полесно да го разберат светот околу себе, да уживаат во убавината на пишаниот збор, кој ги развива и фантазијата, инвентивноста и креативноста. Затоа јас им препорачувам на децата летово книгата постојано да биде нивен придружник и малку да заборават на компјутерите и на таблетите – сугерира таа.

Здружени во доброто

Викторија Чаловска, исто така наставничка од ова училиште, смета дека децата треба да се насочат кон вистинските вредности.
– Јас би ги вовела децата во вистинскиот живот, но сепак со хумана цел, парите што ќе ги соберат, на пример од продажба на лимонада, да се дадат во домови за деца или за хранење на уличните животни. Да внимаваме како нашите деца го поминуваат долгото топло лето и да ги насочиме кон вистинските вредности – вели Чаловска.
Елизабета Ивановиќ, психолог при истото училиште, смета дека креативноста е мотив за здружување за добри цели.

– Предлагам учество во креативни работилници (за сликање, пишување, пеење, свирење, проверка на знаењето, изработка на ракотворби, хуманитарни акции), секако периодов онлајн. На крајот од работилницата, децата да изберат некоја максима што носи важна порака за нив. Овие активности може да ги поттикне и некој родител, за децата да бидат здружени во доброто, креативноста, во мудроста – вели Елизабета Ивановиќ. 


Сончева песна

Сонцето свети, сонцето сјае,
сонцето безброј волшепства знае.

Внеси го в соба, стави му клатно,
ќе ти го мери времето златно.
Неколку интересни идеи за летна друж
Вдени го в коса, врзи го здраво,
ќе ти го симне од душата стравот.

Всели го в очи, стави му двоглед,
ќе ти го злати целиот поглед!

Сонцето свети, сонцето сјае,
сонцето безброј вештини знае!

Стојан Тарапуза
(Од збирката песни
„Сон на тркала“)