Трамп со план за обнова на инфраструктурата тежок билион долари
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува програма за обнова на инфраструктурата во САД тешка речиси илјада милијарди долари, како дел од обидите за враќање во живот на најголемата светска економија, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со планот.
Според прелиминарната верзија на планот што го подготвува Министерството за сообраќај, повеќето пари би биле насочени во класични зафати врз инфраструктурата, како патишта и мостови, но би се издвоиле средства и за безжичната 5Г-инфраструктура и за воспоставувањето широкопојасна мрежа во руралните предели на САД, велат изворите.
Тие уште додаваат дека измените на Законот за финансирање на инфраструктурата, предвидени за септември, би можеле да отворат простор за дополнително јакнење на предвидениот финансиски пакет.
Едно од главните прашања со кое се соочуваат предлагачите на планот е како да се финансираат мерките. Зголемувањето на сојузниот данок на гориво е малку веројатно, со оглед на залагањата на Трамп за ниски цени на горивата, а повикува и на други мерки, вклучувајќи и намалување на данокот на платите за да им останат на Американците повеќе пари во џебовите, што би им помогнало во соочувањето со корона-кризата и со рецесијата, пишува „Блумберг“.