Со сите покажани слабости, црквата сѐ уште го држи местото на еден од столбовите на македонскиот национален идентитет, на слободната волја на македонскиот народ, иако е прашање до кога. Видливите слабости, и општо и поединечно, на митрополитите не се од пресуден карактер за нејзиното опстојување, барем во скоро време, додека за една-две децении православните христијани не станат религиско малцинство во Република Северна Македонија. Македонската православна црква – Охридска архиепископија има долг да се грижи за судбината на своите верници
Пандемијата на коронавирусот и мерките што се преземаат за спречување на нејзиното ширење, како што ја постави пред многу медицински, правни, економски и морални дилеми државата, во таква позиција ги донесе и религиските заедници во Македонија. Христијанските верници веќе го прославија Исусовото воскреснување и поминаа низ тој возвишен чин, а исламските ќе очекуваат, по завршувањето на почнатиот рамазански пост, да се отворат вратите на рајот и да го прослават Бајрам со своите адети.
Одбележувањето на годинешните велигденски празнични денови во услови на вонредна состојба и воведен карантин за луѓето, го отвори и прашањето за практикувањето на верските слободи и одржувањето на традициите во такви услови. Прашањето стана универзално, светско, со него се занимаваа од поглаварот на Римокатоличката црква до последниот православен поп во Сибир.
Единствен е фактот дека ниту западните ниту православните христијани не паметат дека некогаш во историјата се нашле во ситуација да држат богослужби во празни храмови, такви случаи биле реткост дури и во најжестоки војни. Или не знаеме што се случувало, зашто во тоа време немало телевизии или мобилни телефони, немало отворени дебати, но имало различни, жестоко спротивставени мислења, кои и довеле до големите поделби и раѓањето на новите верски учења, поинакви од првопоставените.
Додека христијанскиот свет на цела планета го пречека најосаменото воскреснување во историјата, пред прославата на најголемиот од сите големи празници длабоко до гуша се најде во дилеми и тешки искушенија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Растргната меѓу мерките на Владата и најдолгиот полициски час, меѓу опасноста од ширење на заразата и одржувањето на литургиските служби во такви околности, Македонската црква најде решение, на еден или на друг начин, да ги задоволи повеќето барања на власта, но и да не се откаже од божјата служба и од своите верници.
И таквиот нејзин „среден став“ некои новинарски гуланфери, некои афирмирани неверници, познати злобници, политички акробати и анационални типови го искористија за атака врз црквата, врз нејзиното свештенство, а со тоа и на илјадниците верници нејзини припадници.
Иако Синодот и поглаварот г.г. Стефан не подлегнаа на барањата на закоравените заговарачи црквите да им дозволат на верниците да бидат масовно присутни на литургиите и литиите, иако во најголем дел црковните власти се согласија и ги спроведоа „државните“ барања, не изостанаа куп навреди упатени кон достојниците и кон обичните свештеници.
Не е првпат, најверојатно нема да биде ни последен, Македонската православна црква да биде цел на напади од страна на поединци од сопствениот народ, дури и тогаш кога нема никаква причина. Таквите напади не ја изместуваат, ниту може да ја изместат нејзината суштинска улога во македонското општество, но секако дека дејствуваат вознемирувачки и подривачки.
Повеќе им одат на рака на сите оние што неа ја распнуваат на крст, негирајќи и не признавајќи ја автокефалноста, вековната историска заснованост, нејзината улога во развојот и цементирањето на македонската национална свест, сега доведувана не само во прашање, туку во загроза.
Македонската православна црква можеби не заслужува химнични акатисти, таа е подложна на критики како што се подложни сите цркви во светот. Но неправедно е нејзе да ѝ се припишуваат туѓи гревови, си има таа и свои. Сигурно дека таа ја губи вербата кај народот, кој гледа како нејзините митрополити живеат во раскош и хедонизам, како возат скапи џипови и удираат високи цени за своите услуги, кои наместо со божја промисла, исполнети се со висока смисла за бизнис.
Сепак, тие инцидентни појави не се срцевината, не се суштината на нивната улога за доближување на луѓето до бога, до божјите врати и до надежите за спасение, за избавување од неволји.
Во раните деведесетти години од минатиот век, кога Република Македонија ја освои сувереноста, кога се создаваше новото повеќепартиско национално устројство, како тогашен генерален директор на НИП „Нова Македонија“, имав неколку принципи за кои барав да бидат држени во спроведувањето на уредувачката политика во нејзините два дневни весника – „Нова Македонија“ и „Вечер“. Еден од нив беше дека весниците мора да внимаваат, со нужна почит да се однесуваат кон неколку институции и личностите што ги раководат тие институции. Тоа беа претседателот на државата, Македонската православна црква и нејзиниот поглавар, МАНУ и нејзиниот претседател и Уставниот суд со неговите решенија.
Тој принцип не значеше наредба за недопирливост, туку искажување поддршка на нивната улога како морални столбови во градењето на новоорганизираната држава, во јакнењето и зацврстувањето на најважните неизвршни национални институции. Во нив гледавме лидери во одредувањето и воспоставувањето на новите посткомунистички темели на македонската државност и општество, јакнење и афирмација на македонскиот национален идентитет, градење на правната држава, на световниот и духовниот живот воопшто.
Нецели триесет години подоцна може да се констатира дека во Македонија нема институција што не се искомпромитира, која не ги напушти изворните стојалишта пропагирани во почетоците на новата суверена држава и која не ги изневери надежите на граѓаните, на нејзините жители, без разлика на верата и националната припадност.
И МПЦ потклекна пред неколку искушенија, не успеа да се заштити од агресивната политика на една од партиите, за што доби заслужени критики, не можеше да ги скрие внатрешните синодски несогласувања и поделби, не само по духовни туку и по световни прашања.
Сепак, со сите нејзини покажани слабости, таа сѐ уште го држи местото на еден од столбовите на македонскиот национален идентитет, на слободната волја на македонскиот народ, иако е прашање до кога. Видливите слабости, и општо и поединечно, на митрополитите не се од пресуден карактер за нејзиното опстојување, барем во скоро време, додека, за една-две децении православните христијани не станат религиско малцинство во Република Северна Македонија.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија има долг да се грижи за судбината на своите верници. Глупаво е да се рече по секоја цена, зашто се виде дека ништо свето нема цена. Сакала-нејќела, таа е должна да го чува идентитетот на својот народ, носејќи се со последиците да биде прогласувана за конзервативна, националистичка и слични измислени и наметнати квалификативи.
Нема религија што не е конзервативна, нема црква во светот што во основа не е националистичка, што не се грижи за своите верници.
Ако ги погледнеме црквите на нашите соседи, Српската, Грчката и Бугарската, и ако правиме некаква споредба, уште оддалеку ќе видиме дека Македонската е загубено јагне, кое не може ни да допре до потокот. Поради овие и од други причини, Македонската црква заслужува поддршка во овие времиња, кога од исти надворешни и домашни центри упорно и видливо се уриваат темелите на кои почиваат минатото и иднината на овој народ, неговиот идентитет и јазик, неговото писмо. Таа ќе се обраќа и моли кон Бога во секакви околности, Македонците треба да го молат Бога за неа и за себе, секако, зашто на ним како народ не им се наклонети ѕвездите, не им се наклонети околностите, како и да гледаме на нив.