Нотарската комора на Република Македонија денеска со свечена седница ја одбележа 20-годишнината од основањето на нотаријатот во Македонија.
На седницата свое обраќање имаше министерката за правда Рената Дескоска, претседателот на Нотарската комора Васил Кузманоски, претседателот на Меѓународната унија на нотаријатите Хозе Мркуењо Де Лано и потпретседателот на Германската сојузна нотарска комора Ричард Бок.
– Пред точно 20 години, во правниот систем на Република Македонија со работа почнаа првите нотари, со што се воспоставени темелите на македонскиот нотаријат и е исполнета една од претпоставките за функционирање на Република Македонија како модерна правна држава. Всушност, почнувањето со работа на првите именувани нотари де факто значеше и воведување на една нова институција во правниот систем на државата – нотаријат, кој денеска навршува успешни 20 години постоење и функционирање – истакна Васил Кузманоски, претседателот на Нотарската комора.
Посочи дека воведувањето на нотаријатот позитивно се одразило врз целокупното функционирање на правниот систем во државата.
-Како модерен јавен сервис на граѓаните, државните органи, правните лица и на другите заинтересирани субјекти, успешно одговори на потребата за остварување побрза, поефикасна и поевтина заштита на правата и на правните интереси, олеснување и побрзо одвивање на правниот промет, зголемување на правната сигурност и, секако, растоварување на правосудството по пат на избегнување спорови и по пат на пренесување одредени надлежности на нотарите од областа на вонпарничното постапување- рече Кузманоски.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека ќе се слушнат спротивставените аргументи и на нотарите и на адвокатите околу Законот за нотаријат со цел да се изнајде решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и на заштитата на правната сигурност.
– Пред моето доаѓање, во Министерството за правда постоела работна група околу измени на законите. Изработен е Нацрт-текст којшто треба да биде разгледан и да се направат консултации. Свесна сум дека станува збор за област која е сензитивна и во која спротивставени интереси имаат различни групи кои работат во сферата на правото, но првенствена цел на Министерството за правда ќе бидат интересите на граѓаните и она што значи интерес на заштита на правната сигурност – изјави Дескоска по одбележувањето на 20-годишнината на Нотаријатот во Македонија.
Предлог-текстот, како што рече, ќе биде предмет на разгледување и ќе се дебатира и со Нотарската и со Адвокатската комора.
– Сакам да ги слушнам аргументите и на едните и на другите, но и компаративните решенија, така што ниту едно решение априори нема предност во овој момент – нагласи Дескоска, одговарајќи на новинарски прашања.
Од Нотарската комора на Македонија велат дека нотарите се доволно едуцирани за да склучуваат договори и оти не треба да им се одзема оваа надлежност имајќи предвид дека има само 0,02 проценти тужби за поништување на нотарските акти.
– Нотарите сакаат да остане нотарскиот акт како форма која е главно обележје на секој нотаријат што е член на Латинскиот нотаријат. Адвокатите никогаш не биле исклучени од постапките кај нотарите. Присуството на адвокат никогаш не било забрането и не било проблем. Секоја странка може да има адвокат и тоа и порано не беше забрането. Затоа мислам дека нотарскиот акт треба да се врати во својот полн капацитет – изјави Олга Димовска, потпретседателка на Нотарската комора на Македонија.
Во следниот период се најавува зголемена улога на нотарите во борбата против перењето пари и корупцијата, а се очекува и забрзување на процесот на дигитализација на услугите што им се нудат на граѓаните.