Со оглед на тоа дека пазарот на трудот има потреба и од кадри со завршено средно стручно образование, неопходно е државата да почне долгорочно да ги планира, димензионира и насочува функционирањето на образованието и уписните квоти во средните училишта во согласност со потребите и барањата на стопанството, и во согласност со состојбите на пазарот на трудот и на тој начин да се влијае на намалување на невработеноста. Зашто попусто е некој да е и доктор на науки ако со својата диплома и со стекнатите знаења не може да најде работа ниту пак неговата професија е конкурентна и барана на пазарот на трудот
Повеќе од 12 илјади полуматуранти во државата идната недела ќе се запишат во училиштата за средно образование, во кои има повеќе од 35.000 слободни места. Традиционално, и годинава се очекува интересот да биде голем за гимназиското образование наспроти програмите што ги нудат средните стручни училишта. Уште во првиот уписен рок, како и секоја година, се очекува да бидат пополнети местата во гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Никола Карев“, како и во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Тоа е така бидејќи на државно ниво не постои стратегија со која би се направиле поатрактивни за децата стручните училишта, кои образоваат кадри, кои во голема мера му се потребни на стопанството.
Она што дополнително загрижува е тоа што и оние што се запишуваат во средни стручни училишта, од година на година се со сѐ послаби предзнаења. Во училиштето „Михајло Пупин“ на пример, секоја година веќе запишаните ученици полагаат ненајавени тестови од предметите Македонски јазик, Математика, Физика, Информатика и Спорт. Преку тестовите целта е да се види какви се нивните општи познавања од предметите. Резултатите се загрижувачки. Практиката со полагање ненајавени влезни тестови, кои содржат главно лесни прашања што се очекува учениците да ги одговорат без некој проблем, ја нема во секое училиште, бидејќи не е задолжителна. Сепак, резултатите се веродостоен показател за постигнувањата и знаењата што ги стекнале учениците од претходното ниво на образование. Тестирањата во ова училиште се прават по иницијатива од директорот на училиштето уште од 2012 година, по секој први септември. За да се реализира успешно наставната програма на ниво приспособено на можностите на учениците, тестирањето е начин на кој училишното раководство и професорите се базираат при планирањето на наставата. Ако се споредат бројките од секоја година, се гледа дека учениците тешко се откажуваат од стекнатите навики. Ваквите лоши резултати од тоа интерно тестирање се уште еден показател дека средните стручни училишта се за, условно кажано, „послабите“ ученици, а гимназиите за „јаките“.
Во изминативе години, голем проблем е тоа што во основните училишта не постои никакво насочување, нема професионална ориентација, не се следат учениците и нивните афинитети и вештини, како што се прави тоа во развиените европски држави, за да може подоцна при уписот полесно да се направи изборот на средно училиште. Токму затоа и многу ученици лутаа или не знаат што со себе понатаму, па одлуката ја носат во последен момент и по инерција
Од друга страна, досегашните искуства и анализи на пазарот на трудот и побарувачката на стручни кадри за стопанството покажува дека постои недостиг токму од стручни занимања за кои е доволна средна стручна подготовка и кои можат веднаш да се вклучат во работниот процес. Со оглед на тоа дека пазарот на трудот има потреба и од кадри со завршено средно стручно образование, неопходно е државата да почне долгорочно да ги планира, димензионира и насочува функционирањето на образованието и уписните квоти во средните училишта во согласност со потребите и барањата на стопанството, и во согласност со состојбите на пазарот на трудот и на тој начин да се влијае на намалување на невработеноста. Зашто попусто е некој да е и доктор на науки ако со својата диплома и со стекнатите знаења не може да најде работа ниту пак неговата професија е конкурентна и барана на пазарот на трудот.
Пред пет години, беше промовирана стратегија за стручно образование и обука. Требаше да се работи на подобрување и на осовременување на средното стручно образование. Тој документ требаше да го подобри и неформалниот систем на стручно образование, кој предвидуваше од постсредно стручно образование, обуки за вештини и квалификации, како и решение за 40 отсто од населението, кое нема никакви квалификации, што е сериозен проблем за државата.
Спроведувањето на оваа стратегија требаше да овозможи квалитетно средно стручно образование, кое ќе произведува кадри во согласност со потребите на бизнис-секторот, со оглед на тоа дека компаниите бараат стручност и квалитет. Пет години по усвојувањето на тој документ, во практика нема опипливи резултати, нема некој значаен напредок. Во таа насока при поминување во повисоко ниво на образование и избор на професија потребни се поголема интеракција и координираност на релацијата училишта – афинитети – стопанство – пазар на труд, за да се согледа уште од мали нозе кој какви афинитети и способности има и каде би можел да даде најдобри резултати. Изборот на занимање не е колку да помине редот туку важна животна одлука.
Во изминативе години, голем проблем е тоа што во основните училишта не постои никакво насочување, нема професионална ориентација, не се следат учениците и нивните афинитети и вештини, како што се прави тоа во развиените европски држави, за да може подоцна при уписот полесно да се направи изборот на средно училиште. Токму затоа и многу ученици, кои не знаат што со себе, се запишуваат во гимназија. Сето ова се очекува во следните години да биде променето, затоа што во закон неодамна влезе обврската за професионална ориентација на учениците од основното образование, при што училиштето во соработка со установи за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште и занимањето, во согласност со способностите и склоностите на учениците. Предвидено е детално да се следи нивниот поединечен развој и ќе се знае за какви занимања има афинитети и е способен секој ученик. Секое основно училиште во државата ќе мора да формира тим за професионална ориентација составен од стручни соработници и од наставници. Дали и колку ова ќе функционира во практика и дали ќе даде некакви резултати, останува да видиме.