Ние сме репрезентација на која системот ѝ се базира на шутеви за три поени. Потребни ни беа само три тројки за да имаме подобар резултат. Ги затворивме добрите страни на Русија, споредбено со она што го одигравме против Естонија, вели селекторот Тодоров по поразот од Русија во кошаркарските евроквалификации
Македонската машка кошаркарска репрезентација, предводена од новиот селектор Александар Тодоров, го доживеа и вториот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2021 година во Чешка, Грузија, Италија и во Германија. По неочекуваниот пораз од Естонија во Скопје, сега во спортската сала „Молот“ во Перм, подобра беше и домашната селекција на Русија со 77-67 (19-20, 19-16, 19-17, 20-14). Но за разлика од првиот дуел против Естонија, овој пат напредокот беше евидентен, оти црвено-жолтите одиграа добро и храбро во голем дел од мечот (и покрај тоа што во составот го немаше повредениот бек Ненад Димитријевиќ), но кобна се покажа последната четвртина. Во македонскиот состав најефикасни беа бекот Андреј Магдевски и центарот Шејн Витингтон со по 14 поени и по шест скока, капитенот Војдан Стојановски реализира 10 поени, додека кај Русите доминираше искусниот играч на Локомотив Кубан, Виталиј Фридзон (34) со 23 поени.
– Ние сме репрезентација на која системот ѝ се базира на шутеви за три поени. Потребни ни беа само три тројки за да имаме подобар резултат. Ги затворивме добрите страни на Русија, споредбено со она што го одигравме против Естонија. Моја е идејата да имаме домашни играчи на бековските линии, па оттука како солуција да игра на центарската е повикан Витингтон. Знаеме дека кошарката порано беше спорт број еден во Македонија, а сега тоа е ракометот. Се бориме да се вратиме на врвот, луѓето дојдоа во Скопје, нѐ поддржаа против Естонија и сметам дека го препознаа тоа – изјави селекторот Тодоров по натпреварот со Русија.
Во вториот натпревар од групата Б, Италија на гости не дозволи изненадување против Естонија, славеше со 87-80 и е единствената селекција што забележа две победи. По две одиграни кола на табелата води Италија со четири бода, по три имаат Естонија и Русија, додека Македонија е четврта со два бода.
– Со ваква игра против Русија, како и во второто полувреме против Естонија, можеме да се надеваме на пласман на ЕП. Во Перм покажавме цврста игра и карактер. Но, за жал, детали го одлучија поразот. Треба да се верува во овој наш тим и затоа не е ништо завршено, ќе се бориме докрај – оптимистички порача кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром Андреј Магдевски.
Најголемото изненадување во ова коло го направиja Полска и Грузија, кои на гостински терен ги совладаа актуелниот светски првак Шпанија (80-69), односно фаворизираната Србија (94-90).
Македонија ги продолжува квалификациите во ноември, со дуелите на гости против Италија (27.11) и Естонија (30.11), а од групата Б ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на континенталниот шампионат. Последен пат црвено-жолтите настапија на ЕП 2015 кога завршија на 19-то место.
ГРУПА Б, 2, КОЛО
Русија – Македонија 77-67
Естонија – Италија 80-87
ТАБЕЛА
Италија 2 2 0 4 25
Естонија 2 1 1 3 3
Русија 2 1 1 3 -9
Македонија 2 0 0 2 -19
Следно коло (27.11): Естонија – Русија, Италија – Македонија.