Русинот Александер Овечкин, хокеарот на Вашингтон капитолс, му се приклучи на елитниот „клуб 700“ (постигнати голови) со што го зацементира својот статус како еден од најголемите играчи во историјата на Националната хокеарска лига (НХЛ).
Само седуммина играчи пред Овечкин постигнале 700 гола, а само двајца од нив стигнале до бројката од 800 и повеќе голови, Вејн Грецки (894) и Горди Хау (801). Потоа следуваат Јаромир Јагр (766), Брет Хал (741), Марсел Дион (731), Фил Еспозито (717) и Мајк Гартнер (708).

По 700-те гола наеднаш, она што до скоро се чинеше невозможно, сега изгледа достижно. Станува збор за рекордните 894 гола на легендарниот Грецки за кој долго се сметаше дека е недопирлив.
Овечкин го постигна 700-от гол на 1.144 меча во кариерата, второ најбрзо остварување во НХЛ-историјата. Само Грецки успеал да го стори тоа побрзо, на само 886 натпревари. Грецки имал само една сезона со дадени 40 гола, откако наполнил 30 години, 41 гол во 1990/91 г. Овечкин, кој дојде во НХЛ во 2005-та, сега има 34 години, сезонава веќе даде 42 и е блиску до бројката од 56 гола, рекордна за хокеар на возраст над 33 години.

Откако наполни 30 години, Грецки одигра уште девет сезони, од 1990/91 до 1998/99 г. и во тој период постигна 217 гола. Откако наполни 30 години, Овечкин даде 225 гола. Никој во историјата побрзо не ја минал бројката од 600 до 700 гола, за само 154 натпревари. Тоа е најбрзо досега и побрзо отколку од 500 на 600 гола (на 189 натпревари).


Брињоне води пред Шифрин

Италијанката Федерика Брињоне со победата во комбинација во Кран Монтана, четврта, рекордна за неа во комбинација на оваа патека, вкупно 15-та во кариерата, и освоените 100 бода, ја престигна Американката Микаела Шифрин во генералниот пласман во Светскиот куп (СК) во алпско скијање.
Брињоне (29) сега има 1.298 поени, 73 повеќе од трикратната победничка во СК, Шифрин (1.225), која по смртта на нејзиниот татко Џефри подолго време не скија. Враќањето на Шифрин на трките сезонава (уште 11 до крајот), која завршува на 22 март во Кортина д’Ампецо, Италија, и натаму е неизвесно.