За жал, историјата се повторува. И овој пат како и многупати претходно есапот се прави без крчмарот. Судбината на македонскиот народ и на државата се кројат надвор од неа, без знаење и без согласност од граѓаните како есенцијален дел од националниот супстрат и носители на сувереноста и државотворноста. Зашто така замислиле некои надворешни планери и центри на моќ. Сега дали така и ќе биде и ќе се остварат нивните мрачни планови, не сум целосно убеден
Изгледа дојдовме до крајот на патот. Што следува понатаму никој со сигурност не може да претпостави. Дали крајот значи навистина крај или како што обично се вели секој крај е и нов почеток, ќе дознаеме релативно брзо. Веројатно наесен откако народот ќе ја слушне, а потоа и целосно осознае вистината околу преговорите и договарањата за наметнатиот спор од страна на Грција за името. А верувајте има тука многу што да се чуе и разјасни. Зашто целиот процес изобилува со мноштво правни нелогичности и многу, многу пикантерии. Без намера што било да се преjудицира доволно е само да се потсетиме на некои претходни епизоди од грчкиот серијал уцени и барања кон Македонија во кои имаше и полни куферчиња со долари, антички амфори и златни часовници, тајни договарања на јахти итн. Што ли ќе исплива на површина овој пат?! Во јавноста веќе проструи веста дека Нимиц во последно време бил крајно незадоволен и револтиран. Кој го налутил и зошто?
Како и да е, последните официјални информации се дека до крајот на патот нѐ дели уште многу малку, односно во прашање се часови и минути. Ако е така недоумица создава и самото дефинирање на крајот, како јазична структура и поимање на самиот збор. Некои се обидуваат крајот на преговорите и предложеното решение да го претстават како крај на една мачна етапа за државата и почеток на рајот, односно доаѓање посветла, побогата иднина со ширум отворени порти кон евроатлантските интеграции.
Од црковно-религиски аспект, пак, патот до рајот е можен само по упокојување од овоземскиот живот. Со други зборови за рај на небесата, треба упокојување на земјата, проповедаат црковните великодостоинственици. Зашто е алузијата во насловот за (к)рајот и секако споменувањето на црквата. Па затоа што и таа е дел од големата игра поврзана во и околу Македонија.
Дали (к)рајот за Македонија треба да биде упокојување на државата и нејзино целосно идентитетско бришење од регистарот на земји и на народи. Можно ли е една владејачка структура, која на власт дојде ветувајќи живот за сите, да се доведе во ситуација, да ѝ пресуди на државата станувајќи нејзин џелат. Живот за сите, преку смрт на државата, звучи парадоксално и морбидно нели. Но да се вратам на најновите случувања во врска со спорот. Пред една недела на колумната ѝ дадов наслов – „Име преку телефон“, укажувајќи на апсурдноста на целата ситуација да се договара и преговара нешто за што ниту еден македонски политичар нема мандат, ниту смее да го прави и тоа. Па уште и преку телефон. Седум дена подоцна состојбата е непроменета. Единствената новина е што дознаваме дека телефонот всушност требало да го свртиме ние. Зошто нам ни се брзало? За да стигнеме побргу до (к)рајот?! Колку и да се трудите некои работи едноставно не можете да ги сфатите! Како на пример садомазо-нагонот за себеказнување, себеликвидација, себеобезличување на цела една држава и нејзиниот библиски народ. Од друга страна, јавноста се замајува со ефемерности и баналности. Кога ќе заѕвонел телефонот и ќе се случел разговорот, кој демек треба да ја предодреди судбината на државата.
Дали (к)рајот за Македонија треба да биде упокојување на државата и нејзино целосно идентитетско бришење од регистарот на земји и на народи. Можно ли е една владејачка структура, која на власт дојде ветувајќи живот за сите, да се доведе во ситуација, да ѝ пресуди на државата станувајќи нејзин џелат. Живот за сите, преку смрт на државата, звучи парадоксално и морбидно, нели
Кој уште верува во ова?! Убеден сум дека и Ципрас и Заев и Димитров и Коѕијас се на „постпејд“ отворена телефонска линија постојано. Се слушаат и дење и ноќе и на празник и на делник. Или поточно – слушаат што им се кажува отстрана. Колку и да се сака да се прикаже дека процесот го водат двете држави и нивните преговарачки тимови, повеќе од јасно е дека нивниот удел во сето тоа е занемарлив. Работата е пресериозна за такво нешто. Договорот е скициран и напишан на друго место.
А тоа место не е ниту Атина ниту Скопје. Сегашните божемни тактизирања, премислувања и драмски паузи се од психолошко тактички причини, да се држи јавноста во двете земји во исчекување што ли ќе биде. И притоа да се разладат и издуваат на улица вжештените глави. Двете држави имаа можност да состават свои верзии на предлог-спогодба, кои му ги предадоа на Нимиц и за содржината на истите тие знаат и Вашингтон и Брисел. Оттука натаму сѐ е во рацете на меѓународната заедница. Зарем има некој што верува дека во оваа фаза Вашингтон и Брисел ќе дозволат сѐ да отиде низ вода, заради некоја точка или запирка во текстот.
Впрочем директната вклученост и менторство врз процесот отворено го призна американскиот помошник-државен секретар Вес Мичел. Тој јасно кажа дека дел од американскиот тим во моментов работи на ова прашање и САД продолжува да игра тивка улога заедно со ЕУ. Таа тивка улога во превод значи скицирање, формулирање, допишување на текстот на договорот. Што впрочем и не е нешто ново или непознато. И Охридскиот договор ни дојде стокмен и спакуван однадвор во оригинална англиска верзија, која потоа тука различно се толкуваше. Нешто слично се подготвува и сега. Евентуалниот договор со Грција ќе има редица недоречености и јазично-лингвистички замки во формулациите што потоа ќе се толкуваат и претставуваат како плусови или минуси во зависност од ракурсот на гледање.
За жал, историјата се повторува. И овој пат како и многупати претходно есапот се прави без крчмарот. Судбината на македонскиот народ и на државата се кројат надвор од неа, без знаење и без согласност од граѓаните како есенцијален дел од националниот супстрат и носители на сувереноста и државотворноста. Зашто така замислиле некои надворешни планери и центри на моќ. Сега дали така и ќе биде и ќе се остварат нивните мрачни планови, не сум целосно убеден. Затоа што верувам во зрелоста, мудроста, истрајноста, традицијата, културата, непокорот на овој народ. Зашто сакам да верувам дека сето ова што ни се случува е само минлива епизода од некој кошмарен сон, филмски трилер или некаква мелодрама во кои е можно навечер да заспиете во една држава, а наутро да се разбудите во некоја сосема друга. Дека во реалноста вакви сценарија и игри сепак не поминуваат.
Затоа што македонските граѓани имаат изострено чувство и знаат да препознаат лоши сценарија погрешни оркестрации и фалшиви договори. И истите тие веднаш да ги отфрлат или прогласат за ништовни.
За крај си земам за слобода да извлечам паралела помеѓу две тотално различни држави и политички системи. До пред само некој месец една мала држава, Северна Кореја, беше изолирана и на работ на целосно уништување со речиси секојдневни притисоци па и закани од најголемите светски сили и од меѓународната заедница. Причина за тоа е секако нејзината контроверзна политика и уште поконтроверзниот лидер, кој отворено се конфронтираше со целиот свет. Денес истиот тој човек се факторизираше во светски лидер од висок калибар за кој сите зборуваат. Во вторник ќе се случи светски самит на врвот помеѓу Трамп и Ким, што е политички куриозитет сам по себе од едноставна причина што американскиот претседател попрво се сретнува со контроверзниот севернокорејски лидер отколку со неговиот најголем геополитички ривал, претседателот на Русија на пример.
Тоа само покажува колку некој условно „мал политичар“ (кој патем споменато, ќе се докаже и дека политички успешно блефирал за нуклеарната програма), може да порасне за само неколку месеци. Македонија по ништо не може да се споредува со Северна Кореја. Ниту имаме, ниту развиваме (блефираме) за нуклеарна програма (ниту можеме за што било, бидејќи сме ептен транспарентни), ниту имаме диктаторски систем, ниту пак политичките неистомисленици се стрелаат или затвораат, ниту пак имаме хормони за политичко и дипломатско издигнување и израснување. Единствената заедничка нишка по која утре може да нѐ препознаваат и споредуваат е само придавката „северна“. Со таа разлика што нам насила ни ја натураат.