Њујорк – Американскиот магазин „Тајм“ ја прогласи младата шведска активистка Грета Тунберг за личност на годината. Таа е прогласена за личност за 2019 година поради своите залагања во борбата против климатските промени.
Хаг – Мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чи ги негира обвинувањата за геноцид против нејзината земја пред Меѓународниот суд на правдата. Добитничката на Нобеловата награда за мир ги негираше тврдењата пред судот на ОН дека армијата на Мјанмар извршила злосторства врз Рохингите. Илјадници припадници на муслиманската заедница беа убиени, а над 700.000 други избегаа во соседен Бангладеш во операциите на армијата во 2017 година.
Ријад – Иследниците на ОН не можат да ги потврдат обвинувањата на Ријад дека Иран стои зад ракетните напади врз саудиските нафтени капацитети во септември, со кои привремено беше преполовено саудиското производство на нафта, покажува извештај на генералниот секретар на ОН. Иран негира каква било вмешаност и посочува дека одговорност за нападот презедоа Хутите од Јемен. Хутите во Јемен, чиј сојузник е Иран, тврдат дека со нападите се одмаздиле за воените операции во земјата предводени од Саудиска Арабија.