Дваесет и првото издание на „Таксират“ почнува со концерт на еден од најголемите пријатели на фестивалот, музички револуционер, голем човек, често нарекуван и антиглобалист и борец за човечки права Ману Чао, кој во Скопје ќе настапи со својот музички проект „Ел Чапулин соло“ (El Chapulín Solo).
Концертот ќе се одржи на 24 октомври, четврток, со почеток во 22 часот, во Младинскиот културен центар. Тој ќе настапи заедно со Лучано Фалико на гитара и Мауро Манчебо на бонго. Во акустична верзија пред македонската публика „Ел Чапулин соло“ ќе ги изведе своите најголеми хитови: „Seeds of Freedom“, „La Vida Tombola“, „Sibérie“, „Mala Vida“ и многу други. Концертот е со ограничен капацитет од 800 посетители, а билетите по цена од 700 денари веќе се при крај и може да се најдат во продажната мрежа на „МкТикетс“.