Денес пред споменикот подигнат од страна на доброволци во Кичево и во присуство на голем број почитувачи на Илинденската епопеја, беше одбележана 116-годишнината од крвавата битка на Ѓурѓејца, што се случила на овој ден на ледината помеѓу селата Кладник и Карбуница, каде Илинденците ја оствариле една од ретките големи победи во тој период.

Засекогаш ќе остане врежана во меморијата на сите генерации, храброста и решителноста на востаниците, кои иако помалкубројни, сепак успеале  да извојуваат победа, една од ретките во тоа време и, покрај многуте жртви, над 30, што ги имале на своја страна, како и голем број ранети.

Месните жители и почитувачите на Илинден, секоја година на 4 август го посетуваат овој локалитет и се присетуваат на времето од периодот на Илинден и тоа топло августовско  претпладне, кога се одиграла славната битка со многу жртви.

– И денес кога се навршуваат 116 години, треба да се потсетиме на славната битка од Илинденскиот период, битката кај Ѓурѓејца, која востаниците скапо ја платиле со над 30 жртви и голем број ранети борци. Затоа овој ден и ова место заслужуваат почесно место во нашата историја, каде потсетник за идните генерации, да не го заборават хероството на нивните претци – потсети  историчарот Душан Ристоски.

Инаку кичевијата важи за еден од најреволуционерните краишта во земјава, како од времето на Илинден, така и од времето на НОВ. Речиси да нема камен во оваа општина а да не потсетува на некоја голема битка или настан од тие времиња, велат хроничарите  на овој регион.