Гранпри-трката во Формула 1, за големата награда (ГН) на Австралија во Мелбурн, ќе продолжи да се вози најмалку до 2025 година. Трката се вози во паркот „Алберт“ од 1996 година, како прва во сезоната (освен во 2006 и во 2010-та) и стана дел од богатата традиција во овој спорт.
– Ова е доказ дека сѐ повеќе и повеќе промотори ја делат нашата долгорочна визија за иднината на Формула 1- изјави Чејз Кери, главниот извршен директор во Ф1. Ваквата вест доаѓа по само една недела откако беше продолжен договорот трката за ГН на Велика Британија во Силверстоун да се вози до 2024-та.
Следната година, отворањето на новата сезона ќе биде со трката во Мелбурн на 15 март, 25-та по ред, со што ќе започне и прославата на 70-годишнината на Ф1. Првата трка за ГН на Австралија се возеше во Аделаида во 1985 до 1995 година, по што следуваше преселбата во Мелбурн.
Трката за ГН во Мелбурн е една од најпопуларните во календарот. Во последните три години за време на Ф1-викендот Мелбурн го посетиле над 900.000 љубители на овој спорт. Лани била забележана и рекордна бројка гледачи, 324.100.