Лидерот на шпанските социјалисти, Педро Санчез, по победата на неговата партија на парламентарните избори изјави дека неговите единствени услови за формирање коалициска влада се почитување на Уставот и воспоставување на социјална правда.
Санчез зборувајќи пред проддржувачите по објавата на изборните резултати, изјави дека нема да постави „безбедносен кордон“ во разговорите за формирање на влада, што е вообичаен израз кој се користи во кампања со цела да се покаже дека една партија одбива да постигне договор со друга.
Претходно, по речиси целосното пребројување на гласовите од парламентарните избори, портпаролката на шпанската влада, Изабел Кела, прогласи победа на социјалистите, предводени од премиерот Педро Санчез.
Според неа, партијата на Санчез освоила речиси седум милиони гласа, што значи дека ќе има 123 места во долниот дом на парламентот, објави агенцијата АП.
„Ројтерс“, пак, вели дека социјалистите водат со 123 места во парламентот од вкупно 350, додека левичарската „Унидас Подемос“ има 42 места.
Ова значи, објаснува агенцијата, дека доколку овие две партии ги здружат силите, ќе им недостасуваат 11 места за да формираат мнозинство во парламентот.
За прв пат од крајот на воената власт во 1970 година, според резултатите, екстремно-десничарската партија „Вокс“, која се противи на мултикултурализмот, феминизмот и неограничената миграција ќе влезе во парламентот.
Врз основа на објавените резултати, партијата ќе добие 24 места во парламентот, додека десничарската конзервативна Народна партија (PP) има 65, а партијата од десниот центар Суидаданос има 57 места во парламентот.
Вчера се одржаа третите парламентарни избори во Шпанија во текот на изминатите четири години. Претходните два пати доминацијата ја потврдија двете најголеми партии – Социјалистичката и Народната партија.