НАТО годинава обележува две годишнини: седум децении од своето основање и две децении од првото проширување зад поранешната Железната завеса. Гледајќи наназад, статусот на НАТО како најуспешен мировен проект во историјата не ја одразува само неговата воена моќ, туку и неговата способност да им даде надеж на аспирантите за членство. Нема сомневање дека шансите за членство во НАТО и во ЕУ се поттик за демократизација и либерализација на бившите комунистички земји од Централна и од Источна Европа.
Со „политиката на отворени врати“, НАТО продолжува да прифаќа нови сојузници. Но ревноста за проширување од пред 20 години сега е заменета со загриженоста од антагонизирање на Русија, а таквата резервираност е погрешна. Неодамнешната историја покажува дека секогаш кога НАТО се двоумел, Русија дејствувала. На пример, во април 2008 година, сојузниците на НАТО се состанаа во Букурешт за да разговараат да им понудат Акциски план за членство (МАП) на Грузија и на Украина. По инсистирањето од Германија и од Франција, решивме да ја одложиме одлуката до крајот на годината. Според мене, тоа беше грешка. Само неколку месеци по самитот, тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев нареди инвазија на Грузија, а Русија ги окупира Абхазија и Јужна Осетија. Од април 1999 година, НАТО нуди формален процес за државите-аспирантки да добиваат совети и поддршка преку програмата МАП. Но критериумите за прием практично ја оневозможуваат секоја земја со територијален спор да стане членка на НАТО. Кремљ го знае тоа, па затоа редовно ги поттикнува „замрзнатите конфликти“ (споровите околу суверенитетот што почнуваат со насилство, но заглавуваат во ќор-сокак), преку кои практично става вето на понатамошното проширување на НАТО. Совршен пример за оваа цинична стратегија е Украина. Во 2014 година, големите улични протести во Киев го поттикнаа тогашниот украински претседател Виктор Јанукович да избега од земјата. Кога Украина јасно покажа дека се врти кон Западот, Владимир Путин реши да дејствува, распоредувајќи специјални единици за нелегално припојување на Крим. Тоа беше проследено со руски упади во регионот Донбас во Источна Украина, каде што конфликтот продолжува до денес. Неодамна ги разгледав моите белешки од состанокот меѓу НАТО и Русија во Букурешт во 2008 година и сфатив дека Путин таму изјавил нешто што ќе го повторува по анексијата на Крим – на пример, дека населението во Украина е една третина руско или дека постои во сегашна форма само поради одлука на Советскиот Сојуз. Уште повеќе, за време на инвазијата на Грузија, тогашниот полски претседател Лех Качински предупреди дека Украина ќе биде следна. Но ваквата тревога остана игнорирана.
Сепак, Грузија и Украина продолжуваат да остваруваат значителен напредок кон исполнување на критериумите за членство во НАТО, претпоставувајќи дека еден ден навистина ќе ѝ се приклучат на Алијансата. Надежите за поблиски односи со НАТО обезбедуваат импулс за критични демократски и воени реформи и двете земји сега редовно придонесуваат за мисиите на НАТО, па дури и многу повеќе од некои земји-членки. Сепак, Грузија и Украина треба да преземат понатамошни реформи, пред да можат да ги исполнат стандардите за полноправно членство во НАТО.
Украина сега е во вториот круг од претседателските избори, а Грузија треба да одржи парламентарни избори следната година. Во двата случаја, изборите на овие земји ќе одлучуваат за нивните судбини во годините што доаѓаат. Имајќи ја предвид големината на влогот, земјите-членки на НАТО треба да продолжат да нудат топли зборови за демократската волја на грузискиот и на украинскиот народ и да ја признаваат уривачката улога што паранојата на Кремљ ја игра во процесот на пристапување. Треба да продолжиме да ја подаваме нашата помирувачка рака на Русија предводена од Путин, само под услов да го промени своето однесување. Но не смееме да ги осудиме земјите-аспирантки на неодредено „длабоко замрзнување“ на процесот само за да се смири стратегискиот ривал. Целта на Кремљ е да ги блокира овие земји сѐ додека нивниот напредок во реформите не почне да се пропаѓа. Ако дозволиме да се случи тоа, ќе ја занемариме нашата должност. На 70-годишнината од своето основање, време е НАТО да постави јасни патокази за понатамошна интеграција. Тоа би можело да почне ако на Украина ѝ се понуди партнерство за подобрени можности, како што веќе имаат Шведска, Финска, па дури и Грузија. Ова ќе ги формализира односите на Украина со Алијансата и ќе обезбеди отскочна штица за МАП и за полноправно членство. Истовремено, членките на НАТО мора да го зголемат притисокот (санкциите) кон Русија за да го прекине конфликтот во регионот Донбас, како што е наведено во 2014 г. со Минскиот протокол, и да се повлече од Абхазија и од Јужна Осетија. Алијансата мора јасно да нагласи дека руските територијални приграбувања повеќе нема да се сметаат за препреки на патот на земјите-аспирантки до полноправно членство. Тука НАТО би можело да го следи моделот на пристапување на Кипар во ЕУ. Кипар е полноправна членка на ЕУ и на еврозоната, но законите на ЕУ се суспендирани во деловите од островот што не се под контрола на кипарската влада. Исто така, НАТО може да обезбеди безбедносни гаранции за целите територии што сѐ уште се под контрола на владите на Грузија и на Украина. Зошто е ова важно? За време на неодамнешната посета на линијата на контакт во Донбас (фронтот меѓу украинските сили и милитантите во Украина поддржани од Русија), украинските војници ми рекоа дека се горди што се борат за слобода и за демократија не само за нивната земја, туку и за цела Европа. Ако НАТО продолжи да ја исполнува својата политичка мисија додека влегува во својата осма деценија, таа мора да ја почитува жртвата на војниците, нудејќи им на нивните земји јасен пат кон членство.
Проширувањето на НАТО за прием на Украина и, конечно, Грузија никогаш нема да биде лесна одлука. Но тоа е одлука што треба да ја донесат актуелните членки и аспирантките за членство во НАТО, а не Русија. Колку подолго ќе му дозволиме на Путин да се меша, толку повеќе тој ќе се обидува да го поткопува суверенитетот на демократските држави.
Авторот е советник на украинскиот претседател Петро Порошенко и е бивш генерален секретар на НАТО и премиер на Данска