Владата на Црна Гора ги овластила своите членови од Социјалниот совет да предложат зголемување на минималната плата за 15 отсто, односно од 193 на 222 евра и намалување на данокот за приходите од плата за два отсто. Владата од почетокот на 2020 година ќе ги направи следните чекори за новото зголемување на минималната плата.
– Оваа одлука има за цел подобрување на животниот стандард на граѓаните со најниски приходи, како и намалување на даночните оптоварувања што ќе ги релаксираат домашните работодавци – изјавија од Владата на Црна Гора.
Премиерот Душко Марковиќ изјави дека економските резултати за четвртиот квартал од 2018 година покажуваат дека мерките на Владата даваат резултати. Тој најави доследно остварување на сите мерки за остварување на клучните приоритети за натамошен економски пораст и развој, унапредување на животниот стандард на граѓаните и подобрување на деловната клима со отворање нови работни места.