Министерот за информирање на Венецуела Хорхе Родригес објави дека поради прекинот во испораката на електрична енергија денеска се откажани сите училишни и деловни активности.
Родригес ова го соопштил во специјално телевизиско обраќање.
Ова е трето откажување, откако снема струја минатата недела.
Венецуелскиот Парламент претходно одобри прогласување национална состојба на тревога поради кризата со електроснабдувањето што ја парализира државата веќе петти ден.
Парламентот отфрли аргумент на претседателот Николас Мадуро дека големата хаварија е американска саботажа и нагласи дека причина за тоа е лошото управување и недостиг од инвестиции.
Националното собрание ја повика армијата да помогне за мобилизирање на песоналот на енергетскиот гигант „Корпоелек“ и упати апел за меѓународна соработка за обнова на електроснабдувањето за време на 30-дневната состојба на тревога.
Парламентот, сепак нема овластувања да воведе вонредба состојба додека Мадуро е претседател.
Претседателот на Парламентот, Хуан Гуаидо повика на големи протести за денеска попладне.
Колапсот на енергетскиот систем се случи на 7 март поради хаварија. Националната компанија за електрична енергија соопшти дека колапсот бил резултат на пренасочување и оти „е епизода од енергетската војна против Венецуела“.
Владата во Каракас најави жалба до ОН поради „саботажа“ на електромрежата, за која властите на земјата го обвинуваат „американскиот империјализам“.
Претседателот на Венецуела Николас Мадуро го обвини „американскиот империјализам“ за оваа саботажа, а Стејт департментот негираше каква било вмешаност.