Германија има намера на борците на Исламската држава да им ги одземе државјанствата, пренесуваат германски медиуми.
Планот, за кој се договориле министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер и министерката за правда Катарина Барлеј, предвидува одземање на германскиот пасош на борците на ИД доколку поседуваат уште некое државјанство, ако се полнолетни и ако учествувале во борбите.
Тоа го тврди весникот „Зидојче цајтунг“, како и телевизиите НДР и ВДР.
Според важечките закони, можно е веднаш одземање на германско државјанство ако некој Германец доброволно, без одобрување на Министерството за одбрана, одлучи да се приклучи на некој странска вооружена формација.
Тој закон ќе биде дополнет, тврдат медиуми, а сето ова е поврзано со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп, Европа да преземе повеќе од 800 борци на ИД од стариот континет, кои се наоѓаат во заробеништво, како и да им се суди.