Кога во 1986 година започна мојата прва дипломатска мисија во Варшава, економските состојби во Полска беа очајни. Поради санкциите што ги презеде Западот по воведувањето на воената состојба во Полска во 1981 година и поради обврските за отплата на странските долгови, полските граѓани се соочуваа со сериозни тешкотии околу обезбедувањето прехранбени производи и стоки за широка потрошувачка. Продавниците беа празни, покрај другото, во нив немаше тоалетна хартија, на секој жител на Полска месечно му следуваа 2,5 килограми месо и месни производи, а немаше тенџериња и мнoгу други производи за домашна употреба.
По доаѓањето на Михаил Горбачов на чело на Советскиот Сојуз, Полјаците многу бргу ја препознаа либералната клима што ја промовираше тој со неговата Перестројка. Со геслото „Дозволено е сѐ што со закон не е забрането“, полскиот премиер Збигњев Меснер ја најави либерализацијата на економскиот живот во Полска. Процесот на економската либерализација го надгради наследникот на Меснер, Миечеслав Раковски, кој беше последен комунистички премиер на Полска. Владата на Раковски максимално го олесни процесот за започнување бизнис. Не само што не беа потребни какви било согласности и/ли одобренија од државните органи за отворање фирма, туку секој Полјак можеше да започна бизнис со пријава, која, до надлежните полски органи, можеше да се прати по пошта. Во пријавата требаше да се наведат само 4 податоци: име и адреса на фирмата, дејност и ден на кој фирмата почнува да работи! На основа на овој закон беа основани 2 милиони приватни фирми!
По смената на власта и по формирањето на владата на Тадешуш Мазовиецки, во Варшава се одржа средба на која, покрај премиерот Мазовиецки, учествуваа потпретседателот на Владата и министер за финансии на Полска Лешек Балцерович, Џорџ Сорос и Џефри Сакс, за разгледување на моделот за трансформација на Полска. Значајно би било да се напомене дека Л. Балцерович не ги прифати сугестиите на Џ. Сорос и на Џ. Сакс за примена на неолибералниот модел, односно за приватизација по принципот „шок-терапија“ и подготви транзициска програма насловена „План Балцерович“. Овој план се покажа како мошне успешен и даде силен замаец на развојот на полската економија што овозможи Полска да се нареди меѓу најуспешните транзициски земји. Еден од основните постулати на овој план е дерегулацијата, која е всушност континуитет на либерализацијата на економскиот живот во Полска.
По уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година и по укинување на визите, многу Полјаци заминаа на „печалба“ во западноевропските земји. Во Франција беше создаден мит за „полскиот водоводџија“, кој се покажа, не само како водоводџија, туку и како универзален занаетчија! Во полските медиуми беа објавувани информации дека Полјаците во Лондон преспиваат во јавни тоалети и се натпреваруваат за место во нив! Меѓутоа, откако заработија пари, Полјаците се враќаа и отвораа свои бизниси во Полска. Прагматичните Полјаци се определуваа за следната животна филозофија: „Подобро мал бизнисмен во својата татковина отколку аргат во туѓина!“ Олеснителна околност за повратниците беше либералниот модел за започнување бизнис во оваа земја. Во повеќе наврати пишував за средбата на челните македонски политичари, стопанственици и луѓе од науката, која се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга во јуни 1994 година. На оваа средба со акламација беше прифатена одлука за приватизација по принципот „шок-терапија!“ Иако непоканет се пријавив за дискусија и дискутирав последен. Во својата дискусија предупредив да не се брза со приватизацијата и апелирав да се проучат позитивните искуства на земјите со успешна транзиција, конкретно спомнувајќи ги Полска, Чешка и Словенија, меѓутоа, моите апели беа залудни!
Имајќи предвид дека во меѓувреме приватизацијата во нашата земја е завршена нема можност за суштински корекции на направените грешки, меѓутоа, од искуството на Полска со транзицијата можат да се извлечат важни поуки, особено околу дерегулацијата и стимулирањето на нашите иселеници да се вратат и да отвораат свои бизниси во Македонија. Познато е дека досега сериозна пречка за враќање и за отворање бизниси од страна на нашите иселеници се корумпираните бирократи, кои треба да се „подмачкуваат“ за секое одобрение и/ли дозвола за отворање бизнис во нашата држава! За да се создадат услови за развој на малите бизниси во нашата држава едноставно треба да им се ограничат надлежностите на бирократите! „Нема поголема казна за бирократот отколку да му го одземеш потписот“ (М. Беќковиќ)!
Мој пријател што имаше семеен бизнис, ме убедуваше дека од разни инспекции не може да здивне. Велеше: „Се случува во ист ден да дојдат инспекции од УЈП од три места, кои бараат влакно во јајцето, ми одземаат време, постојано ме малтретираат… Подготвен сум да платам два-три пати поголем данок, само да ме остават мирно да работам“. Не можеше да ја издржи тортурата на бирократијата и на крајот реши да ја ликвидира фирмата!
Добро би било македонските политичари да го проучат и да го применат полското позитивно искуство со либералниот економски модел за започнување бизнис, кој се покажа мошне успешен! Дека овој модел може да биде успешен и во нашата држава ќе го наведам следниот пример. Пред околу 3 години, заедно со еден мој пријател појдовме во селото Цера со намера тој да купи теле. Домаќинот од селото Цера, кое порано припаѓаше во општината Кочани, а сега припаѓа во општината М. Каменица, ја кажа следната приказна: „Порано одев на сезонска работа во Грција, каде што тешко работев по цел ден! Со парите што ги заработував како аргат во Грција за 4-5 месеци, преживував цела година. По подолго размислување, решив да започнам со свој приватен бизнис дома. Започнав со производство на компир и произведувам околу 10 тона годишно. Направив куќа со подрум, кој служи како магацин за компирот. Произведувам грав и некои други земјоделски култури. Меѓутоа, имам проблем со пласманот на компирот и другите земјоделски производи. Одгледувам и педесетина говеда и продавам по неколку телиња и/ли говеда годишно и така преживуваме. Сепак, многу значајно е тоа што сум си дома и што не морам да аргатувам во туѓина по цел ден!“
И случајот со земјоделецот од селото Цера покажува дека пласманот на земјоделските производи е најголем проблем на земјоделците во нашата држава. Во мојот напис „Зошто Зоран Заев треба да биде иден премиер на Македонија“, објавен пред нешто повеќе од две години, изразив очекување дека како докажан бизнисмен во областа на земјоделството ќе преземе мерки за решавање на проблемот со пласманот на земјоделските производи, за унапредување на извозот, за финализација на земјоделските производи, како и за враќање на нашите печалбари, кои работат во областа на земјоделството во Италија, Франција, Швајцарија и други развиени земји, кои би придонеле за примена на нови технологии во земјоделството! Меѓутоа, овие мои очекувања се покажаа како нереални!
(авторот е поранешен дипломат)