Работа во константен страв. Страв од што? Од личноста што треба да биде визионер и вистински лидер, а тоа значи да не се става себеси на прво место, туку најважни да ѝ бидат вработените и соработниците. Во превод – да не поседува резервиран паркинг. Да не поседува лажни аплаузи и празни пофалби и тапкања по рамото
Минатата недела возејќи кон работа, го паркирав автомобилот на паркинг каде што ретко паркирам. Но овој пат забележав дека (импровизираната) рампа на паркингот беше подигната и влезот беше слободен. Паркирав прописно, автомобилот не му пречеше никому, и заминав на работа. Откако завршив со работните обврски, некаде околу четири часот попладне, се упатив кон автомобилот. Брзав зашто требаше да го земам од училиште постариот син.
Автомобилот го најдов ограден од сите страни. Автомобилот паркиран зад мојот беше само на еден сантиметар растојание. Не постоеше никаква можност да излезам од паркингот. Нестрпливо тупкав во место, надевајќи се дека сопственикот на возилото ќе ја чуе свирката и ќе дојде да го премести возилото. Неуспешно. Се појавија глави од прозорците на неколкуте канцеларии сместени во бараката спроти паркингот, но од сопственикот на автомобилот ниту глас. Ги распрашував минувачите дали го познаваат сопственикот на возилото, сите одречно занишуваа со главите. Одминаа околу петнаесет минути, и го замислувам поголемиот син како збунето ме чека на скалите од училиштето. И тамам кога сакав да ѝ се јавам на наставничката и да го навестам моето доцнење, од бараката излегува една девојка, упатувајќи се кон мене. Ме облева чувство на надеж, ќе излезам од паркингот. Но набргу откривам дека нејзиниот автомобил е понатаму, оддалечен од мојот. Најљубезно ја прашувам дали знае кој е сопственикот на автомобилот, а таа дрско ми одговара: „Овој ред е резервиран за директорите, не си смеела тука да паркираш!“. Се обѕрнувам наоколу, нема знак за резервиран простор или за забрането паркирање. Ѝ велам дека нема знак за такво нешто. „Нема потреба да има знак, сите знаат дека тука паркираат директорите. Овој ред е само за нив“, ноншалантно ми возвраќа и заминува со својот автомобил.
По получасовна потрага, конечно излегува газдата на автомобилот. Не се извинува, а ниту се чувствува неудобно зашто ме спречил да излезам. Се однесува како да го поседува паркингот, иако паркингот е јавен простор, а не негова приватна сопственост. И тој ми повторува дека тука е место каде што паркираат директорите. Не сакам да влегувам во конфликт. Научив дека треба да си ја штедам енергијата и да ги избирам внимателно битките. Оваа битка е однапред изгубена. Не може човек на педесет години допрва да учи за почит кон туѓото време и туѓите потреби и права.
Но возејќи кон училиште, ова банално искуство ме потсети што значи да живееш во општество каде што сѐ е резервирано за директорот. Општество што постои за да му угоди на директорот. Резервиран паркинг, резервирана маса за ручек, резервирана фотелја, резервирани плати, резервирани души. Живееме во општество каде што уште владее култот на директорот.,,Никако не паркирај таму, тоа место е на директорот.
Никако не влегувај во таа канцеларија, таму состанува директорот“. Работа во константен страв. Страв од што? Од личноста што треба да биде визионер и вистински лидер, а тоа значи да не се става себеси на прво место, туку најважни да ѝ бидат вработените и соработниците. Во превод – да не поседува резервиран паркинг. Да не поседува лажни аплаузи и празни пофалби и тапкања по рамото.
Често сум сведок на слични ситуации. „Ќе ви се јави директорот“, ќе ми соопштат преку телефон. Демек ќе ме импресионираат или заплашат (во зависност од тоа која е нивната потреба). Кај мене предизвикуваат само една реакција – разочарување.
Веднаш добивам лош впечаток за фирмата во која владее лошо раководство. Не сакам да си имам работа со таква фирма. Не сакам да си имам работа со лице што не ме познава, а ја темели комуникацијата со мене од позиција на моќ. Сакам да си имам работа со лице што ќе ми пристапи на исто ниво – со разбирање, емпатија и почит.
Зашто јас на работа немам директор, а кога би имала, сигурна сум дека тој ќе биде вистински лидер, филантроп и визионер. И мојот директор нема да се крие зад затворена врата и тркалезна маса. И нема да ми биде страв и да се препотувам пред да му тропнам на врата.
Кај нас најчесто го среќавам авторитарното лидерство. Лидерство основано на страхопочит и доминантност. Силно верувам дека кај нас има потреба повеќе да се пишува за моделите на лидерство и да се промовира лидерството засновано на вредносен систем. Токму затоа и моите следни колумни ќе бидат насочени кон оваа тематика.
Не ни требаат повеќе директори. Ни требаат лидери. Лидери со самодоверба, но без самобендисаност. Лидер што ќе инспирира, ќе мотивира и ќе гради позитивни односи со вработените. Лидер што ќе ги почитува тие што работат со него. Тие не работат „за“ него, туку „со“ него. Зашто ниту една цел на која било организација не може да се оствари ако не се темели на тимска работа и јасна визија.
Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје