Инвазивните видови што талкаат низ Македонија

А кој им се поклони на Македонија и на Македонците? Никој. Нема споменик за загинатите Македонци никаде. Зарем до толку инвазивните видови го истребиле македонството? Прашањето ми е само реторичко, јас си го знам одговорот. Прашањето е најмногу за домашните инвазивни видови, кои се обидоа да го заковаат последниот клинец во ковчегот наменет за Македонија

Високите научни кругови, академијата, тоа е еден меч со две сечила. Некои разбраа дека академските правила можат да бидат контрапродуктивни, па почнаа да го напуштаат системот Шангајска листа. Таквите универзитети го аргументираат тоа главно со проблемот наметнат од барањето за прекумерно цитирање, поради што нивните научници ја губат својата суштина, својата порака, својот поглед на нештата. Еден пример од наша Македонија, каде што се смета дека нема наука, а има! Малкумина слушнале, а уште помалку ги прочитале делата, всушност научните откритија на Јован Манев по потекло од Богомила. Три научни книги се неговата оставина за Македонија и за светот: „Бетлехемската ѕвезда“, „Ковчегот на заветот“ и „ИНРИ НИКА закован на крстот над главата на Исус“. Во овие книги ќе најдете точни и прецизни податоци кога и каде и во колку часот бил роден Исус, која е таа ѕвезда на небото што се појавила со Исусовото раѓање, што открива дијаграмот ИНРИ НИКА, која била улогата на Македонците во тие најголеми настани од тоа време. Дали Јован го откри клучот за да ги дешифрира тајните дадени на Евреите од Господ? Истото прашање можеле да му го постават и на еден Ајнштајн, а тој еднаш рекол дека во еден момент ја изгубил врската со „оној горе“. Кој како сака нека си го толкува тоа, но Ајнштајн во еден момент е згазен од времето и новите информации. Поентата што сакам да ја истакнам во оваа колумна е следнава: Јован бара издавач и сака да ги објави книгите како научни. И тука лежи проблемот. Тој не навел од каде ги цитирал наводите. Во кои други научни трудови го нашол тоа. Дрско ги отерал во мајчината и им рекол дека го цитирал Господ! И книгите му се самиздат.
За вакви типови како Јован, Харварди, Оксофроди… немаат решение, зашто овие големи центри на научна цензура бараат книги во кои има повеќе цитати отколку сопствено мислење и знаење. Баш им е гајле што открил некојси Јован?! Ним им е важно да не им се провлече нешто што не одговара на денешнава испофалсификувана историја, која за нас Македонците станува погубна. Да не се чудите, фалсификувана е и Библијата, па има стотици и стотици разни верзии на Библијата. И тука има македонски контекст и поттекст.

Тоа се дела на инвазивните видови во науката од историја, филозофија, математика… За да не звучам како етноцентрист, ќе истакнам дека илјадници писатели, историчари, археолози… се занимавале и се занимаваат со Македонците, македонизмот, со стратегиите на Филип Македонски и со неговиот син Александар Македонски. „Окото на времето“ е научнофантастичен роман напишан во 2003 година од Артур Кларк и Стивен Бакстер. Во измешаните времиња историјата се среќава со сегашноста, поточно се судрува, а во еден момент клучна станува борбата за заштита на Бабилон. Кои ќе го штитат? Па, кој други ако не Македонците предводени од Александар. Напаѓаат Монголите на Џингис-хан. Судир на двете најмоќни војски. Дали Александар, кој го покорил светот 300 години пред Христа, е посилен од Џингис-хан, кој го ништи светот во 13 век н.е.? Секако, Александар ја има славата, но му помагаат Британците. Гледај како они размислуваат, внимавајте како се обидуваат да ја деривираат историјата и да ја врамат сега, во ова време што го живееме. Дали и тие се еден вид инвазивни суштества? Е па, една пикантерија, која вешто е вметната во романот – откако загинал љубовникот (бил Грк) на Александар, тој многу се налутил, демек од тоа добил сила и тргнал во решавачка битка. Инвазивните ја користат секоја можност да вметнат од својот вирус, па така, и овде без никаков историски доказ или аргумент дека Александар имал љубовник – педер. Но тоа не е важно, важно е приказната да биде сочна и да се шири вирусот на лагите. Холивуд не ја измислил таа матрица, многу е постара од филмаџиите во Калифорнија.
Па, да се напиеме во слава на Александар по едно рујно вино во пехар. Какво вино? Македонско или француско? Вино од стара сорта од која се крепеле нашите предци, или поново од француски лози? Инвазивната идеологија е намера, а намерата вели дека моите лози се најдобри, па така, вашите стари сорти, кои сте научиле да ги одгледувате, ќе ви ги сотрам и ќе ви насадам свои. Така денес светот всушност пие главно француски вина. Така денес винарите мораат да произведуваат вина по вкусот на западњаците, оти мораш, бре, некому виното да му го продадеш. Ама Македонија раѓа слатки дрочни гроздови, па пак проблем. Вината наши се слатки. Но, има надеж, ги пронајдовме колку-толку (токму) старите ендемски сорти.

Инвазивноста не е само да дојдеш со војската некаде и да освоиш, туку и да го донесеш своето. Да колонизираш. Македонија е земја каде што за мртвите војници се оддава почит иако ја газеле со чизмите бездушно. Постојат средени бугарски воени гробишта, српски, француски, британски (ако знаете за некои други допишете), има и билатерални договори за нивното постоење и одржување. Лично престолонаследникот Чарлс еднаш ги посети гробовите во црквата во Автокоманда. За да им се поклони.
А кој им се поклони на Македонија и на Македонците? Никој. Нема споменик за загинатите Македонци никаде. Зарем до толку инвазивните видови го истребиле македонството? Прашањето ми е само реторичко, јас си го знам одговорот. Прашањето е најмногу за домашните инвазивни видови, кои се обидоа да го заковаат последниот клинец во ковчегот наменет за Македонија. Но не оди тоа така и не може да оди. Природно е да бидеме тоа што сме, да имаме свои песни, свои приказни, своја историја, па природно е и пак да почнеме да се зближуваме со нашите сонародници.

Тоа е природен баланс и сите паметни го знаат тоа. Најмногу инвазивните видови. И затоа наша примарна цел е да почнеме да се ослободуваме од инвазивните видови со наш ендемски и автентичен одговор на сите нивни лаги, како што е таа дека САМО ако го смениме Уставот ќе станеме членка на ЕУ. Велиме НЕ! Дека ни треба политика на деколонизација и деконтаминација од сите перверзни лаги за нив и за нас што секојдневно ни ги испраќаат, какви што се во Преспанската спогодба, која е уште еден инвазивен производ. Да, ние треба да си направиме автопортрет, да се претставиме такви какви што сметаме дека сме, дека ќе си ја пишуваме самите нашата историја и ќе ги градиме политиките за иднината на нашите поколенија. Немојте да мислите дека некому во Лион или во Лондон му е гајле за нашите деца во Велес или во Гостивар. Тие се грижат за своите, ние по македонски, според нашите традиции и навики, се грижиме за нашите. Има ли нешто поубаво од тоа!

Христо Ивановски