„Случајни средби“ е тематската изложба од графики и цртежи од Дијана Томиќ што ќе биде отворена вечерва од 20.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Случајните средби, поточно состојбите на кои случајно налетувала и посакала да ги овековечи Дијана Томиќ-Радевска иако делуваат токму така: случајно, во себе го содржат скриеното чувство за припадност на слична, блиска, недефинирана групација на луѓе, распространети насекаде низ светот.

Фото: Ка.М.

Недефинираното, но јасно изразено чувство е видливо и во описите кои ги дава авторката, како и во групирањето на графичките листови и цртежи: – Играчи со оган-баскери – Нивната радост во изведувањето, перформансот како стил на живот, безгрижноста во номадскиот стил на живот и прашањето на припадност или не-припадност. Прашањето за релативноста на задоволството, на несигурноста и моќта на слободата. – Чуварите на благото – Оние невидливи кустоси во музеите кои расправаат за уметноста живеејќи со најголемите дела на уметноста. Карактеристичните ликови кои ме испровоцирале низ карактеристична композиција, физикус, посветеност во разговорот и нивната искреност во почитувањето на уметностите. – Вистински Французин – Одредени портрети поврзани со доживеана комуникација. Потеклото и припадноста, дали е тоа суштествено во односот човек-човек. Антрополошки препознатливи карактеристики кои се менуваат испреплетувајќи ги датотеките на сопствените корени. – На улиците – Сцени од улиците, минувачи, моја слободна фантазија за припадноста и убавината на движечката енергија. Оние кои се бунтовници по став, оние кои се страдалници и кои се на улиците не по своја воља. – Под земја – Сцени од метро станици и оние кои голем дел од денот (животот) го поминуваат под земја, патувајќи, чекајќи. И тука се случува испреплетување на јазици, култури, знајни и незнајни и за на крајот, истите тие туѓинци делат слични судбини. – Нови генерации – Фигури и ликови кои се фотографирани во галериски простори како загрижени посматрачи, но во мојата композиција тие стануваат дел од уметничкото дело или инсталација. Фигури во ,,стуткана” форма како најудобна за одмор, но и понизност пред богатството.

Дијана Томиќ Радевска (1961), од Скопје, е мултимедијална уметница и дизајнерка. Работи на графика, цртеж, сликарство, арт инсталација, арт видео и дизајнер. Посветена е на графиката и низ класични техники, дава друга перспектива на уметноста на графиката, експериментирајќи со различни техники во монотипијата и објект-графика.
Дипломирала во 1984 година на одделот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје. Член е на ДЛУМ од 1985година. Реализирала бројни групни и самостојни изложби и студиски престои. Работи и има статус на самостоен уметник.

Ка.М.