Културниот живот во Скопје не би бил ист кога не би постоел Никола Гелевски. Гелевски има студирано компаративна книжевност и од 1989 година ја води издавачката куќа „Темплум“. Од 1994 година е главен уредник на списанието за култура ,,Маргина“, а од 2009 година и главен уредник на порталот ,,Oкно“. Бил долгогодишен колумнист во ,,Форум“ и ,,Утрински весник“, а од 2009 година пишува колумни за списанието „Глобус“. Покрај неговата дејност како издавач, уредник и автор, го основа и здружението „Контрапункт“ и е коосовач на уште три здруженија („Точка“, „Плоштад Слобода“ и „ГЕМ“).
„Прогледуваш низ прсти“ во ситуации…
– Кога постои ризик нештата (луѓето) сосема да се скршат. Иако и кршењето, или напукнувањето, знае да биде конструктивно.
Сиромаштијата како состојба на духот ја поседуваат луѓе што…
– Што се брутализирани. Што културата, опкружувањето ги направила брутални, бескрупулозни.
Душата најмногу ти мекнее кога…
– Мекнеење е прва фаза на гниење?! Не сакам да сум раскашавен. Иако, има моменти, во право си, Биљана.
Најмногу презираш?
– Можеби малограѓанштина. Иако тоа не е едноставно и не сум сигурен дали презир е вистинскиот збор. Слотердијк вели дека трите најголеми гревови на духот се: идеализмот, морализмот и ресентиманот.
Кај себе би сменил…
– Во комплет иде целата скаламерија, којзнае зашто сето тоа е добро.
Да се бориш значи…
– Да се бориш за однапред изгубени каузи – значи да бидеш џентлмен.
Светот е подобро место за живеење кога…
– Планетата ќе стане федерација од држави? Привлечна ми е таа идеја. Суверената држава се покажа како деструктивен механизам, постојано создавајќи непријатели, за да си го оправда постоењето. Иако и идејата за планетарна федерација можеби звучи идеалистички, што значи опасно, на поинаков начин.
Да беше животот концерт, ќе свиреше на (кој инструмент и зошто)…?
– Животот е некаква партитура (од бука и бес:), зарем не? Музика на сферите.
Живот без хумор е…
– Хуморот штити од преголема сериозност, од тврдокорност, од сакрализации и мистификации. Хуморот е близок до уметноста, но ја нема нејзината трансцендентна димензија, можеби… А и уметноста без хумор е празна школкина лушпа низ која фучи ветар… (Ете, ти одговорив и за инструментот.)
На Скопје му фали…
– Повеќе граѓанскост. И солидност, оти сè се распаѓа.