За стравовите, очекувањата и причините да се љуби, од друг агол со новинарката и авторка Ана Јовковска, непосредно пред промоцијата на нејзината втора книга „Ехо на слободата“, чијашто промоција ќе се случи на 12 април, во клуб-ресторанот на МКЦ, со почеток во 20 часот.
Карактерна особина што најмногу ја почитуваш е…?
– Капацитетот за љубов (или да љубиш). Нема збор за оваа особина. Ќе измислам сега – љубливост.
Денот е уништен кога…?
– Кога си мрзeлив.
Светот можат да го променат…?
– Добрите луѓе и нивната верба и борба дека трошка по трошка, или камче по камче работите се поместуваат на поправедно место.
Скопје има шанса да стане метропола само во случај на…?
– Во случај на културолошки багерски потфат.
Најсовршена од уметностите е…?
– Филмот! Затоа што ги синтетизира музиката, сликата, зборот…
Човекот без љубов би бил…?
– Човекот без љубов би бил празен и зол.
Немоќно се чувствуваш кога…?
– Кога не можеш да ги промениш работите кои не зависат од тебе туку од виши сили.
Kое годишно време би било цела година (кога би можела да бираш)?
– Цела година би била пролет, за да цутам секој ден.
Најголема храброст е кога…?
– Кога ќе се одлучиш да создадеш мало човече, за да го растеш во голем и добар човек.
Да умееме да се „ставиме“ во туѓи чевли е исто важно како…?
– Веројатно е и поважно од тоа да го гледаме светот низ наша диоптрија.