Петар Андоновски е македонски писател, роден 1987 година во Куманово. Има дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015), „Страв од варвари“ (роман, 2018).

За романот „Телото во кое треба да се живее” ја има добиено наградата „Роман на годината“.

 

Мајчиниот јазик е…

– „Нашата единствена неподелена татковина.”

 

Најголема неправда што ја имаш почувствувано е…

– Секогаш кога сум го барал излезот од лавиринтите на бирократијата.

 

Барем на кратко би пробал да живееш во телото на…

– Не би се менувал со никој, или како што би кажала една фолк-пејачка ,,Баш је добро бити ја”.

 

Легална работа што би ја забранил со закон е…

– Седење во кафеана цела вечер со една – две пијачки.

 

Ти доаѓа да исчезнеш без трага во ситуација на…

– Кога некој ќе почне да зборува самоуверено за нешто што ни самиот не го разбира.

 

Срцето ни се „стеснува“ кога…

– Нема кој да ја тргне пајажината од него.

 

Живот без севда е… 

– Да гориш, а да не се згрееш.

 

Остар на јазик не значи и остар на срце затоа што… 

– Куче што лае не каса.

 

Најмногу се каеме за…

– Грешките што постојано ги повторуваме.

 

Против општествените конвенции се бориш…

– Како мало дете, кое секоја прилика ја користи со прстот да брцне во штекер.