Оливера Ќорвезироска е македонска писателка, поетеса, есеистка и критичарка. Делата на Ќорвезироска се преведени на албански, српски, англиски, француски, турски, чешки, словенечки, полски, руски, унгарски и бугарски јазик. Исто така, таа е застапена во петнаесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени во Македонија и во странство. Во 2003 година, за книгата „(С)плетени раскази“, Ќорвезироска ја доби наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“.
Физичкиот изглед е важен/лажен кога…
Е единствената карта со која играме, заборавајќи дека во шпилот има уште педесет и една.
Се имаш почувствувано како лик од свој роман или расказ во ситуација на…
Недоволна самоконтрола или при пишување со пенкало што шмрља.
Навидум веселите луѓе во суштина се најдепресивни затоа што…
Сѐ има две лица. Колку повеќе се крие едното, толку повидливо станува другото.
Најголема казна е…
Асиметричен љубовен или каков било емоционален однос. Со партнер, родител, дете…
Без музика животот би бил…
Гол, бос, гладен и жеден.
Ритуалите (не) ги сакаш затоа што…
Произведуваат спомени на кои не им можат ништо ниту меморијата ниту заборавот.
Не правиш компромис за луѓето што…
Сум сигурна дека ќе ги загубам и со него.
Строгоста и нежноста се мерки за…
Совршена кројка на љубовта.
Хаос околу себе е поднослив само кога…
Внатре во нас сѐ си е на свое место.
Најголема грешка на човештвото е…
Стремежот за безгрешност.