Огнен Бражански е кајакар и фитнес-тренер во „Фитнес револуција“. Има дипломирано на Факултетот за физичка култура. Со справување со дивите води се занимава од најмали нозе и има учествувано на бројни натпревари за кајакарство, како во земјава, така и во светот. Тренер е во Интернационалната кајак-федерација.
Стравот знае да биде позитивен во ситуации на…
– Поместување на границите, но останува на интуицијата да се справи со истиот, да се оди преку нив или да се остане.
Се бориш за…
– Лична статисфакција. Колку и да помислувам дека правам нешто за некое општо добро, пред сѐ е за себе.
Она што нѐ прави различни од животните е…
– Слободата. За разлика од луѓето, животните се слободни во системот на природата. Луѓето создадоа систем на ропство.
Умешност е да се скротат нагоните во ситуации на…
– Искушение.
Сам на себе си „маваш шлаканица“ кога ќе сфатиш дека…
– Станувам шраф во системската машинерија на општеството. Па брзо се освестувам и се навраќам на сопствениот начин на функционирање, кој, неизбежно, е паралелен на општествениот.
Срам ти е од…
– Постапките на другите луѓе. Тоа чувство како поим често го нарекувам „срамизам”.
Да не се грижиш за себе значи…
– Несвесност и пропаст, и тоа не само за себе, тоа го сметам и за општествен „удар”. Еволуцијата е есенцијална на сите полиња, физичко, емотивно, мисловно и духовно, кај сите човечки битија.
Знаеш дека си се победил себе кога…
– Го прифаќам поразот.
Најдраг ти е споменот од…
– Времето поминато со себе, правејќи го она што го сакам. Така се осознавам, кој сум и што сум.
Општество во кое законите се безвредни е…
– Анархично.