Песни што ме тераат да играм
Во еден период работев во најеминентното издавачко претпријатие „Македонска книга“ каде што се издаваа книги од македонски еминентни писатели и каде што директори беа еден Славко Jанeвски, Ацо Шопов, Нове Цветановски… Освeн книгоиздателство, имавме и некои четириесетина книжарници на најударните места во градовите низ Македонија. Јас бев раководител на книжарниците каде што, освен книги, школски и канцелариски работи, се продаваа и музички касети, плочи, гитари, труби, гајди, кавали. Најголем промет од продажбата на музички изданија остваруваше книжарницата во старата скопска чаршија, која се наоѓаше во самиот центар на чаршијата, до кондураџијата „Амо“, спроти најстарата семкарница „Македонија“. Цело време се слушаше македонска музика од звучникот што стоеше пред влезот на книжарницата.
Еден 23 август во средина на деведесеттите, во дуќанот во чаршијата ја пуштам „Ој, Јано, Јано“ во изведба на Никола Бадев, а тоа надвор ечи, се слуша сѐ до Бит-пазар. Одеднаш надвор пред дуќанот се појавува една жена по име Перса, облечена во народна носија, подгрбавена, со испукани раце, во искинати чевли. Стоеше и слушаше. Песната завршува и јас пуштам друга песна, таа влегува во дуќанот и ме замолува да ја пуштам уште еднаш. Излегувам да видам што е работава, а низ нејзиното лице течат солзи, горки, тешки, искрени. Цело време плачеше, посебно кога ѝ ја пуштив песната „Дали чекаш стара мајчице“ и уште една песна од белата касета на Сузана Спасовска. Малку се потсмири, стана, рече ќе оди до автобуската станица. „Морам да одам. Можеби дошла Јана, ќерка ми“, рече. Одеше и се враќаше десетина пати тој ден, и секој пат беше сѐ потажна. Потоа си замина, во село некаде во Прилепско, да ги нарани козите. Комшиите од семкарницата, Нуриман и Таџедин, ми рекоа дека веќе трета година по ред во лето таа доаѓа тука. Наредната година на ист датум, доаѓам во нашата книжарница и ја гледам како стои во близината на дуќанот. Ми дава во ќесе спакувано козјо сирење. Ми вели: „Ти благодарам многу синко“ и иако имаше насмевка на нејзините усни, очите ѝ беа полни со солзи и болка. И пак цел ден одеше до автобуската и се враќаше, ќе влезеше во дуќанот, ќе направеше муабет, ќе се тутнеше во еден ќош и пушташе солзите сами да се излеваат, целата занесена, изгубена. „Ај можеби наредната година“, ќе речеше на одење. И дојде и наредната година, и тој 23 август и таа повторно пак пред дуќан со сирење и козјо млеко, нејзино производство. И пак истото, автобуска, дуќанот, немаше каде на друго место да оди. Почна да ми раскажува зошто доаѓа секоја година на 23 август на автобуската и зошто плаче кога ќе ја чуе: „Ој, Јано, Јано“. Кога била помлада со мажот ѝ ја добиле ќерката Јана. Живееле во едно мало село, во Прилепско. Мажот ѝ иако работел на нива и иако работел по цел ден, не можел да ѝ го даде тоа што го барала ќеркичката единица Јана. А таа не барала многу, кукли, чевлички, огледалце, ситници, но ете лоша земја, немаштија, едноставно се нема, па тој целиот бес го исфрлал на жена му Перса. Починал релативно млад, а Перса целата вина за тоа што го нема нејзиниот стопан го префрлала на ќерката Јана. Секој ден ја карала и ја проколнала да нема деца. И така малата Јана пораснала во стројна мома, се омажила во истото село и немала деца. Баш како во песната. Јана мислела дека е тоа поради колнењето на мајка ѝ, па затоа со маж ѝ решиле да одат на печалба, што подалеку од Перса, и отишле во Перт, Австралија. Перса останала сама, еднаш годишно добивала писмо од ќерка ѝ. Во тие писма се смириле и Јана ѝ ветила на мајка си дека ќе дојде на 23 август во Скопје на автобуската, но не ѝ кажала која година.
Наредната година, но и тие по неа, не дојде. Течат годините и еден ден, повторно на 23 август ми ѕвони телефонот дома. Женскиот глас од другата страна на жицата ми вели: „Добар ден, не се знаеме, јас сум Јана, ќерката на Перса, би сакала да се видиме“. Се наоѓаме во чаршијата, таа со мажот ѝ детенце. Ми вели: „Значи тука доаѓала кога ме чекала, тука плачела. Ти благодарам затоа што последните моменти во животот ѝ ги направи барем малку посреќни“. И почнаа да ми нуди некакви златници, долари, одмори во странство, работа во Австралија и што ли уште не. Не зедов ништо. Само еден рачно плетен џемпер што го исплела за мене (го имам сѐ уште дома) и едно цеде, „Патот на сонцето“ на „Драган Даутовски квартет“. Драган го следам уште од раниот „Синтезис“, но ова што го направи со неговиот квартет беше камен-темелник, архетип на неверојатен спој на традиционално со ново, магично, а оној аранжман, онаа неверојатна маестрална изведба на вокалот на Александра Поповска на „Ој, Јано, Јано“ може слободно да се каже дека спаѓа во самиот врв на македонското музичко творештво. А, да, детенцето на Јана го доби името Љупчо. Перса ја повлекла клетвата и во последното писмо до Јана ѝ оставила аманет дека би сакала ако еден ден добијат дете да го крстат Љупчо или Љупка.
Љупчо Давчев