„Фејсбук“ соопшти дека планира да престане да го користи софтверот за препознавање лица, кој може автоматски да ги препознава луѓето на фотографиите и видеата објавени на социјалните мрежи, што означува огромна промена во политиката на компанијата. Оваа промена претставува промена и за технолошката индустрија и за компанијата позната по собирањето огромни количества податоци за милијарди свои корисници. Од „Фејсбук“, каде што го сменија името на компанијата во „Мета“, исто така велат дека планираат да ги избришат податоците што ги собирале со помош на софтверот, кој е поврзан со повеќе од милијарда луѓе.
Ваквиот потег, најавен во блог-пост чиј автор е Џером Песенти, потпретседател за вештачка интелегенција на „Мета“, доаѓа во време кога работата на компанијата нашироко се испитува за потенцијална штета во реалниот свет на нејзините социјални платформи по протекувањето стотици внатрешни документи. Песенти напиша дека најголемата социјална мрежа во светот ќе го затвори својот систем за препознавање лица во наредните недели, како дел од планот на целата компанија за ограничување на употребата на препознавање лице во нивните производи. Во својата објава, Песенти укажа на загриженоста за соодветноста на технологијата, која е под лупа бидејќи сѐ повеќе се користи, но едвај е регулирана.
– Мораме да ги одмериме позитивните случаи на употреба за препознавање лица во однос на растечката социјална загриженост, особено затоа што регулаторите допрва треба да дадат јасни правила – напиша Песенти.
Кирстен Мартин, професорка по технолошка етика на универзитетот „Нотр Дам“, ја нарече одлуката добар пример за регулаторен притисок, бидејќи системот за препознавање лица на компанијата долго време е цел на регулаторите.
– Опсегот на слики што Фејсбук мораше да ги одржува и обезбеди претставуваше постојана ранливост, и во однос на трошоците и во однос на довербата – вели Мартин.
Престанувањето на користењето на софтверот и бришењето на податоците поврзани со постојните корисници на оваа функција претставува голем чекор напред за „Фејсбук“, кој беше главен корисник и поборник на технологијата.
Софтверот за препознавање лица е полн со контроверзии, бидејќи расте загриженоста за неговата точност и основната расна пристрасност. На пример, се покажа дека технологијата е помалку точна во идентификувањето на Афроамериканците. Песенти истакна дека прекинот на употребата на софтверот за препознавање лица исто така ќе значи дека автоматски генерираните описи на слики на Фејсбук за лицата со оштетен вид повеќе нема да ги додаваат имињата на оние што се препознаваат на сликите.