Вухан порано беше симбол на пандемијата ковид-19, но оттогаш животот во тој кинески град со 11 милиони жители главно се враќа во нормала, пренесуваат светските медиуми.
Вухан го посетиле најмногу туристи од сите кинески градови за време на државниот празник „националната златна недела“ од 1 до 7 октомври.
Вухан го надминува своето пандемиско минато и има корист од статусот град-херој за да стане врвна дестинација за патувања, пренесуваат медиумите.
За тоа време, остатокот од светот беше погоден од вториот бран ковид-19 од кој во некои земји се заразија повеќе луѓе отколку во првиот.
Сега, гледано од Вухан, „градот-херој “ како што го нарекол кинескиот претседател Си Џинпинг, вирусот изгледа како непријатно и далечно сеќавање.
Според Министерството за култура и туризам на провинцијата Хубеи, Вухан за време на празниците имал скоро 19 милиони посетители.
Кинеската влада тврди дека нема забележано случаи на коронавирус во Вухан, но разни организации и експерти сметаат дека оваа изјава мора да се земе со одредени резерви. До 26 октомври, Кина регистрирала 91.151 случаи на ковид-19 и помалку од 5.000 смртни случаи додека САД чие население е четири пати помало, имаат регистрирано повеќе од 8,5 милиони случаи на ковид-19 и околу 225.000 смртни случаи.
Вухан стана омилена туристичка дестинација во Кина. Но ништо не се случило случајно, туку тоа се должи на охрабрувањето на националните и регионалните власти. Во август, властите на Хубеи објавија дека околу 400 туристички локации во покраината ќе бидат бесплатни за посетителите од целата земја, од тој месец до крајот на годината. И покрај тоа што бројот на посетители на овие локации е ограничен на 50 проценти од максималниот капацитет, и посетителите мора да бидат подложени на контрола на телесната температура, реакцијата била неочекувана. Многубројните туристи кои го избрале Вухан за време на „националната златна недела“ ја посетиле историската „Кула од жолти жерави“ во центарот на градот. Зградата е изградена во 1981 година и е бесплатна за посета.
Според кинеската новинска агенција „Синхуа“, најмалку илјада туристички агенции и повеќе од 350 хотели се приклучиле на владината кампања за да им понудат попусти на посетителите.
Трансформацијата на Вухан во туристичка дестинација може да се смета за демонстрација на верата на кинеските власти во сопствената способност да се справат со пандемијата. Исто така, претставува златна можност за зајакнување на уништената туристичка индустрија. Кинеската влада го користи Вухан за пропагандни цели.
Со пораките од кинеската влада според кои Вухан закрепнал, Кинезите се подготвени да патуваат во градот кој беше епицентар на ковид-19, што од гледна точка на владата, е победа, пренесуваат медиумите.
И покрај знаците на закрепнување, Кинеската академија за туризам предвидува дека приходите од туризам ќе се намалат за 52 проценти годинава во споредба со минатата година. Бројот на домашни патувања се очекува да се намалат за 43 проценти.