Сликата „Базен со две фигури“ на модерниот британски уметник Дејвид Хокни (81) беше продадена за 90 милиони долари по деветминутно телефонско наддавање во четвртокот во Менхетн, Њујорк, поставувајќи нов аукциски рекорд за жив уметник, соопшти аукциската куќа „Кристи“. Во телефонското наддавање учествувале двајца заинтересирани купувачи.
Уметничкото дело на Хокни од 1972 година, беше проценето на 80 милиони долари според „Кристи“. Тоа е опишано како „едно од најголемите ремек-дела на модерната ера”, пишува британски „Гардијан“.
„Ретко можеме да кажеме, ова е тоа вистинското“ изјави пред продажбата Ана Марија Челис, потпретседателка на британската аукциска куќа.
На уметничката слика е насликан елегантно облечен човек, како стои на работ на базен, замислено посматрајќи во човекот што плива во кристално чистата вода на базенот, со фасцинантен планински пејзаж во позадината.
Претходниот рекорд го држеше американскиот уметник Џеф Кунс со неговата слика „Портокал“, што беше продадена за 58,4 милиони долари, исто така во „Кристи“, во 2013 година.