Во рамките на неодамнешната планинарска тура за искачување на врвот Чапарец на Кораб, дел од планинарскиот предизвик „12 Врва“, се одржа и промоција на книгата – џебна брошура, „Записи за Кораб“, посветена на планината Кораб и нејзините (не)откриени врвови, езера, водопади, предели и величествени убавини.
Книгата има два дела, кои на 48 страници содржат: општ географски преглед на планината Кораб, со опис на природно-географските одлики, историски осврт на преданијата од народното творештво за името на Кораб и записи од првите планинарски походи во минатото и описи со предлози за именување на помалку познати врвови, езера, водопади, места и предели на Кораб, напишан од Марио Шаревски и извадоци од записи од Планинарскиот дневник прибележан и раскажан од Зоран Тодоровски со податоци од нашето прво трансверзално планинарско минување по целата планина Кораб во 2019 година.
Книгата е плод на првиот тридневен трансверзален поход со шатори по целиот срт на планината Кораб, од 2019 година, кој беше повторен и продолжен и во 2020-та во чест на 1.000-годишнината на Бигорскиот манастир, а во себе содржи и податоци од истражувања и посети на планината Кораб од 2015 и 2018г.
Целта на објавувањето на книгата брошура е преку именувањето и дадените податоци за точната местоположба, во сообразност со споделеното искуство од посетите на овие врвови, езера, места и предели да се оствари придонес во насока на зголемување на бројот на посети на планинарите и туристите, а со тоа и за промоција и поголемо искористување и развој на потенцијалите на Кораб, кој нуди извонредно големи можности во поглед на планинарството и туризмот, а со тоа и за сеопштото економско искористување, вреднување (валоризација) и добросостојба.
Примероци од книгата им беа поделени на сите присутни планинари на акцијата, а ќе се делат и во следни планинарски акции и искачувања на планината Кораб.
Книгата „Записи за Кораб“ ја издаде здружението „Единствена Македонија“, во чие десетгодишно постоење ова е второ издание по преводот и објавувањето на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од македонскиот револуционер Ѓорче Петров во 2016 г. на 120-годишнината од нејзиното првично отпечатување во 1896 г., а чии географски описи се основа на многу денешни планинарски акции и активности на нашето планинарско друштво и планинарскиот предизвик „12 Врва“.