Зградата наречена „Пирамида“, која во Тирана, Албанија, е изградена како музеј посветен на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, ќе биде претворена во најголем центар за дигитално образование и иновации во регионот. Работите на преуредувањето на зданието, што се протега на 17.000 квадратни метри, почнаа на 3 февруари, а на церемонијата присуствуваа и премиерот Еди Рама и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај. Проектот е плод на соработка на Град Тирана, на Американско-албанска фондација за развој и на компанијата за мобилни телекомуникации „Водафон“.
„Пирамидата“ ја дизајнирале ќерката и зетот на Хоџа, а отворена беше во 1988 година, три години по неговата смрт. По падот на комунизмот, музејот е претворен во културен центар, каде што извесно време беа сместени една ТВ-станица, деловни канцеларии, продавници и ноќни клубови, а служеше и како база на НАТО за време на судирите на Косово.
Во Албанија се водени долги расправи за тоа што да се направи со „Пирамидата“, имајќи ја предвид поврзаноста на ова здание со ликот и делото на Енвер Хоџа, при што претходната влада предлагаше нејзино целосно уривање и изградба на нова зграда на парламентот на тој простор.
Според дизајнерското решение на една архитектонска фирма со седиште во Ротердам, Холандија, овој објект ќе биде преуреден во деловен и корпоративен стартап-екосистем и во технолошки кампус за ИТ-обука, роботика и дизајн.
Проектот ќе опфати и преуредување на надворешноста на зградата. Официјалните претставници не откриваат колку ќе чини обновата и за колку време ќе биде завршена.