Производител на метални делови лажирал резултати од тестирањата и понудиле несоодветни материјали на НАСА, предизвикувајќи штета од 700 милиони долари и две неуспешни лансирања на сателити, се наведува во истрагата спроведена од страна на вселенската агенција, пренесува телевизијата Блумберг.
Измамата е направена од страна на компанија по име „Сапа профили АД“, која фалсификувала сторици сертификати за алуминиумски делови во текот на 19 години за стотици клиенти, вклучувајќи ја и вселенската агенција НАСА.
Несоодветните делови биле користени за конструкција на „Таурус екс-ел“, ракета што лансира сателити кои ја истражуваа климата на Земјата во текот на 2009 и на 2011 година.
– Кога резултатите од тестовите се променети и сертификатите се лажирани, мисиите пропаѓаат. Многу години работа и труд беа изгубени поради измамата – изјави Џим Норман, директор за лансирање на НАСА во Вашингтон.
Веста за неуспешното лансирање на сателитот се рашири една недела откако „Норск Хидро АСА“, матичната компанија на „Сапа“, се согласи да исплати штета во износ од 46 милиони долари на НАСА, Министерството за одбрана и други компании со цел да се реши кривичната пријава поврзана со измамата која траела од 1996 до 2015 година.
Компанијата признала дека ги лажирала тестовите поврзани со црвстината на металите и нивната издржливост при притисок.
– Корпоративната и личната алчност беа клучни за оваа измама сторена против владата и другите приватни клиенти, и според оваа резолуција тие се одговорни за штетите предизвикани од нивните лажирани тестови – пишува во соопштението на Брајан Бенцковски, адвокат во Одделот за правда.
Претставник на „Норск Хидро“ изјави дека случајот е решен и дека тие инвестирале време и ресурси во комплетен ремонт за квалитетот и усогласеноста во компанијата и нивните производи.