Филмското студио „Ворнер брос“ го објави првиот трејлер за претстојната биографска драма „Крал Ричард“, во која Вил Смит го игра Ричард Вилијамс, таткото, тренер и ментор на познатите тенисерки Венус и Серена Вилијамс.
Инспириран од вистински настани, овој филм покажува низ што сѐ морал да помине Ричард Вилијамс за да ги направи своите ќерки тениски легенди. Тој немал никаква врска со професионалниот тенис, но, сепак, го препознал спортскиот талент на Венус и Серена, па кога тие имале четири години, тој напишал план од 78 страници за нивната идна тениска кариера. Тој самиот ги обучувал на трошните јавни полиња во Комптон, а понекогаш морал да им се спротивстави на локалните насилници за да им ја обезбеди оваа „привилегија“. Неговата упорност се исплатеше, бидејќи сестрите Вилијамс на крајот станаа најдобрите тенисерки во светот.
Филмот „Крал Ричард“ го режира Рејналдо Маркус Грин, по сценарио напишано од Зак Бајлин. Во светските кина пристигнува на 19 ноември, а во период од 31 ден од овој датум ќе биде достапен и на стриминг-платформата Ејч-би-о макс.