Многу патници во авион избираат седиште покрај прозорецот. Меѓутоа, дали знаете дека тоа не е добро за здравјето, иако би сакале птичја перспектива на која било прекрасна дестинација за одмор на која одите. Следниот пат кога ќе патувате не избирајте седиште покрај прозорецот. Според дерматолозите, седиштето до прозорецот може да биде едно од најлошите седишта во авионот за вашето здравје.
Дерматологот Магнус Линч објасни зошто седењето покрај прозорец додека сте на небо може да го зголеми ризикот од рак на кожата и предвремено стареење.
– Кога сте на поголема височина, како на пример во авион, се зголемува интензитетот на ултравиолетовото (УВ) зрачење. Тоа значи дека можете да бидете изложени на повисоки нивоа на УВ-зрачење додека летате во споредба со тоа кога сте на земја – рече тој.
УВ-зраците доаѓаат директно од сонцето и можат сериозно да ја оштетат кожата. Постојат два вида УВ-зраци што допираат до површината на Земјата – УВ Б и УВ А. УВ Б предизвикуваат изгореници од сонце, а УВ А навлегуваат подлабоко во кожата и ги има и во облачни денови. И двата вида може да предизвикаат рак на кожата.
– Иако стаклото на прозорецот на авионот го блокира најголемиот дел од УВ Б-зрачењето, тоа не го филтрира целосно УВ А-зрачењето. УВ А-зраците се со подолги бранови должини што можат да навлезат во стаклото и да стигнат до подлабоките слоеви на вашата кожа. Долготрајната изложеност на УВ А-зрачење може да доведе до оштетување на кожата, предвремено стареење и зголемен ризик од рак на кожата – објасни д-р Магнус.
Всушност, една студија од 2015 година покажа дека пилотите и кабинскиот екипаж имаат повеќе од двапати поголеми шанси да развијат меланом, најсмртоносната форма на рак на кожата, во споредба со општата популација. Значи, дефинитивно постои некаква врска помеѓу летањето и оштетувањето од сонцето.
– Ако летате над Шпанија среде попладне, шансите се големи дека ќе бидете изложени на повеќе УВ-зраци отколку ако летате над нордиска земја подоцна во текот на денот. Колку поблиску сме до екваторот, толку е посилен интензитетот на УВ. Очигледно, најдобриот начин да се заштитите од сонцето во авион е да најдете седиште што не е до прозорецот. А ако веќе сте резервирале седиште до прозорецот, не плашете се – вели тој.